Педесет пратеници во Европскиот парламент, меѓу кои 46 жени, биле мета на „deepfake“ порнографија, покажува истражувањето што во понеделникот го објави германската организација на цивилното општество Agora Digitale Transformation.
Станува збор за постапка во која генеративната вештачка интелигенција се користи за изработка на сексуално експлицитни прикази на лица без нивна согласност. Бројот на погодените пратенички значи дека жртва на ваква содржина била приближно секоја шеста жена во Европскиот парламент, пренесува Politico.
Европската унија на 2 декември воведува забрана за апликации за генерација на голотија, таканаречените „nudifier“ апликации. Моментално се истражува и слична употреба на алатката Grok на социјалната мрежа X.
Група од 119 пратеници од различни партии побара ефикасна примена на таа забрана и брзо решавање на истрагата за Grok. Барањето го упатија на 30 септември во писмо до претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, претседателот на Советот на ЕУ Антонио Коста, претседателката на Парламентот Роберта Мецола и комесарите Хена Виркунен и Хаџа Лахбиб. Меѓу потписниците се и лидерките на либералите (Renew), социјалистите и левицата: Валери Хајер, Ираче Гарсија Перез и Манон Обри.
„Во спроведувањето на забраната не смее да има никакви правни дупки ниту одложувања“, изјави во понеделникот за новинарите пратеничката на австриските Зелени, Лена Шилинг, која исто така го потпиша писмото.
Бенјамин Шулц, еден од авторите на извештајот, изјави дека политичарите не можат да го избегнат присуството на нивните фотографии на интернет, поради што им е тешко да ги избегнат и нападите со АИ алатки за генерирање голотија.
Шулц смета дека Комисијата, за да ја спроведе забраната, мора да ги повика на одговорност сите субјекти кои понекогаш и ненамерно го овозможуваат функционирањето на таа индустрија. Тоа ги вклучува давателите на платни услуги и регистрарите на интернет домени. Во извештајот исто така се наведува дека Комисијата би требало да истражи како да ги обврзе пребарувачите да ги отстранат таквите веб-страници од нивните резултати од пребарувањето, пренесува Индекс.хр.












