Македонија е меѓу земјите со најниски цени на електричната енергија во Европа, со 11,6 евроценти за киловат-час, покажуваат податоците на „Евростат“ за првата половина од 2026 година. На спротивниот крај е Ирска, каде што домаќинствата плаќале најскапа струја, односно 0,39 евра за киловат-час.
Просечната цена на електричната енергија за домаќинствата во Европската Унија изнесувала 0,28 евра за киловат-час, што е намалување од 2,2 проценти во споредба со втората половина на 2025 година. Сепак, цените остануваат значително повисоки од нивото пред енергетската криза во 2022 година.
По Ирска, највисоки цени на струјата имаат Германија и Белгија, со по 0,36 евра за киловат-час. Најевтина електрична енергија во ЕУ има Унгарија, со 0,11 евра, додека Малта и Бугарија се со по 0,13 евра.
Во Западен Балкан цените останале речиси непроменети. Највисоки се во Србија и Албанија, со по 11,9 евроценти за киловат-час, по што следува Македонија со 11,6 евроценти. Во Црна Гора, цената е 10,3, а во Босна и Херцеговина 9,9 евроценти.
Според „Евростат“, цените на струјата во првата половина од годинава пораснале во 13 земји на ЕУ, а најголемо поскапување е забележано во Романија, од 51,6 проценти. Наспроти тоа, најголем пад има во Данска, од 31,7 проценти.
Кога цените се пресметуваат според стандардот на куповна моќ, Македонија бележи 22,4 PPS за 100 киловат-часови, што е повисоко од вредностите во Србија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Ова покажува дека и покрај ниската номинална цена на струјата, нејзината реална тежина за домаќинствата зависи и од куповната моќ на населението.












