„Длабок простор“ е ново поетско истражување на Зоран Анчевски, кој важи за еден од најзначајните современи македонски поети. Токму оваа негова поетска збирка, објавена од „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“ беше промовирана вчеравечер, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во присуство на голем број љубители на убавиот збор.
За симболиката на насловот и за повеќеслојното значење на „длабокиот простор“, Анчевски вели: „Иако синтагмата ‘длабок простор’ е влезена во јазикот да ја означува бесконечноста на вселената (deep space), т. е. на макропросторот, јас во книгата се обидувам да ја подигнам на рамниште на повеќезначен симбол. Така, длабокиот простор го согледувам и во просторот што непосредно нè опкружува, т. е. во микропросторот, без оглед дали се работи за урбан или за природен простор. Го барам и во најсекојдневните нешта што честопати ги пренебрегнуваме и воопшто не им обрнуваме внимание… Го барам и во нас самите, во нашето физичко и духовно битисување, во нашата миговност и вечност – едновремено. Се разбира, јазикот е еден посебен вид длабок простор кој во себе ги крие заборавените тајни на нашето првобитно битие, и затоа во книгата има добиено посебен третман. Притоа се обидувам да ги подријам и да ги измешам стандардно поставените двонасочни релации, какви што се: надвор – внатре, горе – долу, минато – сегашност, стварност – сон, факт – метафора“, рече Анчевски.
Постојат простори што не можат да се измерат со далечини, ниту да се опфатат со поглед. Простори што живеат во зборот, во сеќавањето, во мигот кога поезијата го отвора патот кон невидливото. Токму во таков простор – бесконечен, таинствен и повеќезначен“.
Промоторката Лидија Капушевска Дракулевска ја подвелече исклучителната конструкција на збирката, „математички прецизната“ организација на книгата со пролог (проложни прашања) 5 циклуси и завршна песна – кода, која станува препознатлива за Анчевски како завршеток, акцент, заокружување на поетското зад коешто стои, како „одговор“, како „врв“, како „песна над песните“ во најубавата смисла на зборот.
Уредничката Оливера Ќорвезироска, во кусиот разговор со авторот, акцентот го стави на сè позначајното присуство на реторското прашање во неговата поезија, особено во најновата книга, нарекувајќи го Анчевски „кралот на реторското прашање“ во современата македонска поезија, со јасна алузија на „принцот на метафората“ како скаменета фраза за претставување на Радован Павловски.
„Длабок простор“ е десетта поетска збирка на Зоран Анчевски. Таа се најде во најтесниот избор, во првите пет збирки, за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и наскоро ќе биде претставена на самиот фестивал.












