Дваесетгодишната уметница Сара Андоновска, од најмала возраст ја изразува својата креативност преку цртање, боја и облик. За неа, уметноста е начин да се преточи невидливото во видливо – емоции, чувства, мисли, мигови што се тешко изразливи со зборови. Таа верува дека секој потег на раката, секоја сенка, секоја боја има своја приказна, а секое дело е прозорец кон нејзиниот внатрешен свет.

Таа имаше успешна самостојна изложба во „Центар Јадро“ насловена „Импулс“, каде што се претстави со повеќе свои дела кои привлекоа големо внимание кај љубителите на уметноста.
Таа е студент на факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, каде што ја комбинира својата љубов кон технологијата со креативен израз. Средното образование го завршила во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин”. Подоцна своите вештини ги надградила на академијата за UX/UI+ дизајн во Скала, каде го пронашла својот сопствен јазик кој ја поврзува визуелната естетика со интуитивниот дизајн. Сара има учествувано во повеќе групни изложби при Скала (2023), Young Art (2023) и носител е на повеќе освоени награди во областа на уметноста, што ја поттикнуваат да продолжи да истражува и експериментира со различни техники. Нејзините омилени медиуми се користење на акрил, графит и комбинирани техники со колажи од различни материјали. Преку делата, таа пренесува пораки и приказни на метафоричен начин, оставајќи во секое дело дел од себе. За неа, секое создадено дело си има посебно место во нејзиното срце.

Изложбата „Импулс” која од 3 до денес (9 март) е претставена во КСП „Центар Јадро“ во Скопје е нејзина прва самостојна изложба и претставува пресек на нејзиното долго внатрешно созревање. Импулс – тивка, но силна секунда која раѓа емоција, искра што ја руши рутината, сила што те тера да креираш…
Во секое дело Сара остава дел од својата интуиција, емоција и сопственото будење. Нејзината уметност не е само визуелна приказна – таа е сведоштво за моментот кога чувството надминува збор, кога внатрешната вистина добива форма и светлина. Сара верува дека уметноста е прашање, а не одговор – дијалог со себе и светот, кој се слуша со срцето и се доживува со тишина.












