– Мудар е, остроумен и великодушен човекот Атанас Конески, кој ни го подарува своето ковчеже во кое ги положил најважните нешта што еден животен патник си ги чува како вредни спомени и сознанија, како нешта што на секој номад му се неопходни за да ја изгради својата животна филозофија и за да преживее дури и во најсурови услови. Тој можел да ги зачува само за себе, но еве, го отвора своето ковчеже за сите што сакаат да се загледаат во него – пишува писателот Венко Андоновски за книгата „Вдахновенија“ од Атанас Конески
– „Ако не почнеш, нема да завршиш“, гласи една од многуте мудрости на кои наидуваме читајќи ја вдахновената книга „Вдахновенија“ од Атанас Конески. Полезна и ретка книга. Книга меѓу оние најретките од жанровски аспект во македонската книжевна средина, која доживува дури седмо издание за релативно кратко време поради одличниот читателски интерес и многубројните афирмативни критички одгласи – рече проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на промоцијата на седмото издание на оваа книга, која се одржа деновиве, во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.
Книгата „Вдахновенија“ од Атанас Конески претставува раскошна збирка афоризми, сентенции, поговорки, пословици и мудри мисли – вдахновенија. Во неа пословиците се распоредени по азбучен ред, според првата буква од првиот збор во реченицата. Пред нас, всушност, се куси текстови што се третираат како колективно мисловно богатство, оти не се потпишани, иако за дел и не е тешко да се насети кој ги создал.

Промоторот Мартиновски, кој е автор на предговорот во седмото издание на „Вдахновенија“, пред присутните на промоцијата, меѓу кои и Гордана Војнеска, уредник во издавачката куќа „Култура“, во чие издание се сите седум книги, истакна и дека цитираната поговорка ако не почнеш, нема да завршиш за оваа книга важи делумно, оти колку пати и да почнуваме да ја читаме, се чини читањето не може да заврши.
– Бидејќи пред нас е бескрајната приказна за потрагата по мудроста. А прочитаното во книгата на секој чекор нè повикува да застанеме и да се замислиме, да се преиспитаме. При секое ново читање, секоја мисла ни отвора нови хоризонти, неретко вдахновувајќи нè да размислуваме за најбитните нешта во нашите животи, дестилирани во само една реченица – истакна Мартиновски.
Вели и дека „Вдахновенија“ е книга во која секоја реченица е екстракт од животни искуства, како на авторот така и на безброј љубопитни и мудри, познати и непознати луѓе од различни времиња и простори, кои токму благодарение на јазикот успеале да овековечат некоја животна мудрост како аманет за своите современици и за следните поколенија.
Додава дека анонимноста во однос на авторството, слично како во непрегледната ризница на народното творештво, на овие реченици и мисли им го додава печатот дека е побитно што се соопштува во нив и со нив отколку кој стои зад нивното авторство.
– Таа скромна и стамена позиција во оваа прекрасна збирка, која расте ли, расте, ја акцентира и Венко Андоновски, нагласувајќи дека авторот на оваа книга се раководел од начелото „Генијалното нема потпис, тоа му припаѓа на човештвото“ – додава Мартиновски во предговорот на седмото издание.
А токму професорот и писател Венко Андоновски е рецензент на првото издание на „Вдахновенија“, каде што како рецензент се потпишува и македонскиот писател и преведувач Драги Михајловски.
– Мудар е, остроумен и великодушен човекот Атанас Конески, кој ни го подарува своето ковчеже во кое ги положил најважните нешта што еден животен патник си ги чува како вредни спомени и сознанија, како нешта што на секој номад му се неопходни за да ја изгради својата животна филозофија и за да преживее дури и во најсурови услови. Тој можел да ги зачува само за себе, но еве, го отвора своето ковчеже за сите што сакаат да се загледаат во него. Благодарност за мудроста со која ни ги подаруваш овие мудрости, Атанасе. Оти мудар не е оној што знае мудрости, туку оној што мудро се однесува кон нив – ги споделува со другите за да не остане сам и тажен со своето знаење – е извадок од рецензијата на Андоновски напишана во првото издание на „Вдахновенија“, а е поместена и на задната корица на седмото издание.

Да потсетиме, за 15 години откако излегува „Вдахновенија“, се објавени седум книги од истата едиција со вкупен тираж од 2.000 примероци. Во седумте изданија се објавени 40 рецензии, оцени и мислења и 20 посвети на авторот Атанас Конески од други автори.
– Вредна е онаа книга што не се чита само еднаш – се вели на едно место во книгата и невозможно е да не се согласиме ние. Во неа автентичноста, искреноста и креативноста вдахновуваат.
Во Домот на културата „Кочо Рацин“, покрај промоцијата на седмото издание на „Вдахновенија“, беше промовиран и двојниот јубилеј: 80 години постоење на издавачката куќа „Култура“ и 80 години животен век на авторот Атанас Конески. (Н. И. Т.)












