Реномирани инженери, менаџери и стопанственици, на првиот Бизнис-ден на Градежниот факултет, кој ќе се одржи на 26 мај на Градежниот факултет во Скопје, ќе ги споделат своите професионални патеки со студентите – идни инженери, со цел полесно да ја надминат транзицијата „од клупа на објект“. Професорот Горан Мијоски вели дека идејата е настанот да прерасне во „инженерско-економски форум од национален интерес“, додека деканот Јосиф Јосифовски нагласува дека преку вакви иницијативи студентите уште во текот на студиите создаваат силна врска со индустријата. Студентите, пак, сметаат дека ваквите средби се ретка можност директно да ги слушнат луѓето што ги водат најголемите проекти во државата. – Преку нивните примери, гледаме дека и во Македонија може да се изгради врвна инженерска кариера – вели магистер Христијан Лошкоски, додека Миа Додевска оценува дека настанот го крши мразот меѓу студентите и реалниот сектор

 

Секој проект почнува како идеја. Секоја идеја почнува од знаење, а сè се завршува како нешто што останува. Архитектурата и градежништвото градат простори, не ограничувања. Оваа професија не е само работа туку и задоволство кога ќе видиш дека нешто што си замислил – се реализирало. Тоа најдобро го знаат оние што се дел од овие професии.

Токму тие, реномирани градежни експерти и стопанственици, најистакнати менаџери на градежни компании, на студентите од Градежниот факултет ќе им ги презентираат своите развојни патеки, со цел да ги мотивираат и стратешки да ги насочат идните градежни инженери од сите три циклуси на студии, на првиот Бизнис-ден, кој ќе се одржи на 26 мај 2026 година, на Градежниот факултет во Скопје.

Професорот д-р Горан Мијоски, од Катедрата за патишта, на чија идеја се организира овој проект, за весникот ВЕЧЕР изјави дека проектот, кој е конципиран како платформа за вмрежување, има за цел да создаде синергија меѓу академската заедница и водечките лидери во градежниот сектор.

– Под мотото „Од амфитеатар до реализација: професионални патеки и менаџерски искуства“, идејата е овој настан да прерасне во традиционален годишен форум. На секој крај на летниот семестар, реномирани експерти и стопанственици ќе им ги пренесуваат своите автентични искуства на студентите – од моментот на дипломирање, па сè до преземањето на лидерските позиции. Бидејќи ќе присуствуваат челниците на најголемите градежни компании во државата, ова ги надминува рамките на факултетски настан и добива димензија на инженерско-економски форум од национален интерес – вели Мијоски.

Проф. д-р Горан Мијоски од Катедрата за патишта

Истражувањата покажуваат дека студентите на Градежниот факултет, при своето прво вработување, се соочуваат со специфичен период на адаптација – транзиција од студент во градежен инженер, односно премин „од клупа на објект“. Затоа, вели Мијоски, првата цел е да создадат вистинска синергија меѓу академската заедница и топ-менаџментот во секторот, олеснувајќи ја токму таа транзиција.

– Преку споделување на личните едукативни и професионални искуства, сакаме на студентите да им го доближиме патот до лидерските позиции – нагласува професорот.

Според него, втората и, можеби, најважна порака е дека инвестирањето во знаење е со цел стручниот кадар да остане во Македонија.

– Преку личниот пример на учесниците на панел-дискусијата, сакаме да им докажеме на младите дека и тука може да бидат успешни и да изградат одлична кариера. А придобивките се повеќеслојни. Го подигнуваме нивото на Факултетот, но, пред сè, вложуваме во студентите, кои добиваат извонредна можност за директна комуникација со најдобрите менаџери. Истовремено, компаниите што учествуваат добиваат одлична позитивна промоција и потврда за својата општествена одговорност – потенцира професорот Мијоски.

Деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Јосиф Јосифовски, смета дека настанот е од особена вредност затоа што ќе бидат презентирани позитивни примери од успешната соработка на научно-едукативниот и градежниот сектор, како во делот на развојот на техничките компетенции така и во делот на управувањето, организацијата и раководењето со сложените процеси.

Проф. д-р Јосиф Јосифовски, декан на Градежниот факултет и член на Катедрата за геотехника

– Едноставно, како декан, морав да ја прифатам оваа идеја на предлог од колегата Мијоски, а поддржана и од нашите професионални асоцијации, бидејќи веднаш ја препознав нејзината суштинска важност за развојот на нашите студенти, кои ќе имаат можност да слушнат за практични искуства и примери, кои ќе бидат презентирани од врвни инженери и менаџери, за лидерските искуства и вештини, како и професионалните стандарди што ги бара индустријата. Преку вакви иницијативи, Градежниот факултет создава простор за нови партнерства, практична едукација, истражувања и можности за вработување. Наша цел е студентите уште во текот на студиите да изградат силна врска со индустријата и да се подготват за активна улога во развојот на градежништвото и на државата – нагласи деканот Јосифовски.

Студентите сметаат дека се потребни вакви настани и дека е ретка привилегија да ги слушнат луѓето што ги водат најголемите проекти во државата.

– За нас, студентите, теоријата што ја совладуваме во амфитеатрите е основата, но секогаш постои она прашање како изгледа сето тоа во реалноста и како да се стигне до врвот. Овој настан ни дава ретка привилегија директно да слушнеме од луѓето што ги водат најголемите проекти во државата. Тоа што можеме да ги видиме нивните почетоци ни дава огромна мотивација. За мене лично, најважно е што преку нивните примери гледаме дека и тука, во Македонија, со многу труд и посветеност може да се изгради врвна инженерска кариера – истакна Христијан Лошкоски, кој неодамна го одбрани својот магистерски труд на Градежниот факултет.

За перспективата на младите околу овој настан свое видување сподели и Миа Додевска, студент на втор циклус на студии на Градежниот факултет, која истакна колку им значат ваквите иницијативи на идните инженери.

– Честопати меѓу колегите разговараме за тоа како ќе изгледа нашиот прв работен ден на градилиште и како најбрзо да се адаптираме. Ваквите настани го кршат мразот меѓу нас и реалниот сектор. Да се има шанса за неформален разговор и да се слушне совет од директорите на најголемите градежни компании е навистина непроценливо. Ова ни помага полесно да го замислиме нашиот пат „од клупа до објект“ и ни докажува дека Факултетот активно се грижи за нашата иднина и по добивањето на дипломата – вели Додевска.

И членот на Клубот на млади инженери на Друштвото за патишта на Македонија, м-р Славчо Мицевски, смета дека претстојниот Бизнис-ден е одлична иницијатива што долго недостигала.

– Едно е да читаш за менаџирање со големи градежни проекти, а сосема друго е да ги слушаш искуствата од прва рака, од луѓето што секојдневно ги носат најважните одлуки во индустријата. Очекувам овој Бизнис-ден да ни ги прошири видиците и се надевам дека навистина ќе прерасне во традиција што ќе ги поврзува сите идни генерации со стопанството – нагласи Мицевски.

Настанот во вторник е во организација на Градежниот факултет во Скопје, а во соработка со инженерските стручни асоцијации (Друштвото за патишта на Македонија, Друштвото за геотехника, Друштвото на градежни конструктори, Македонското здружение за големи брани и Друштвото за хидротехника).

(С. Бл.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ