Студентите во Албанија најавија промена во стратегијата на своите протести по повеќе од 150 дена демонстрации, наведувајќи дека отсега ќе одржуваат два национални протеста неделно – секоја среда и сабота во 14:00 часот.
Студентското движење соопшти дека првиот протест според овој нов распоред ќе се одржи во сабота, на 7 ноември, пред Министерството за образование.
Организаторите истакнуваат дека повеќемесечните протести сè уште не наишле на одговор од властите во врска со нивното главно барање: оставка на албанскиот премиер Еди Рама.
„По повеќе од 150 дена континуирани протести, властите во Албанија продолжуваат да го игнорираат барањето на ова граѓанско востание – оставка на премиерот Еди Рама“, се вели во соопштението.
Студентите ја опишуваат политичката ситуација во земјата како состојба обележана со автократско владеење и нагласуваат дека се подготвени за долготрајна борба.
Тие потенцираат дека оваа промена во стратегијата има за цел да ја зајакне студентската мрежа и да ги мобилизира граѓаните, со што ќе се обезбеди попродуктивно и потрајно влијание на протестите.
Во соопштението понатаму се наведува дека тие ќе продолжат да ги поддржуваат сите други граѓански протести против владата, без оглед на тоа кога се одржуваат.
Студентите изјавија дека борбата за демократија во Албанија продолжува и дека нема да се откажат од своите барања.
„Борбата на албанскиот народ за демократија продолжува. Автократијата ќе падне, исто како што падна диктатурата“, изјавија организаторите на студентските протести.












