Македонската фудбалска репрезентација има исклучително тешка задача во баражот за пласман на претстојниот Мундијал, а главна пречка за избраниците на новиот селектор, Гоце Седлоски, е силната Данска, дуел што ќе го одиграме на гости, на 26 март.

Токму за тој натпревар, Седлоски, кој ќе дебитира на клупата на Македонија, ќе смета на неколкумина новаци во составот, откако ги вметна Дени Мусовски, Себастиан Херера и Имран Фетаи на списокот, како и повратниците Егзон Бејтулаи и Бобан Николов.

  • Данска е сериозен противник. На овој дуел ќе видиме до каде сме, што е воедно мотив за нас да покажеме што и колку можеме. Што се однесува до играчкиот состав, решив да е сличен на оној што бил и претходно, со неколку новитети. Дебитант е Дени Мусовски. Има добри настапи, го следев многу време. Имран Фетаи, исто така, заслужи повик, ги одигра речиси сите мечеви за Шкендија, и во ПМФЛ и во Европа. Херера е капитен на Борац Бања Лука, долго време игра во квалитетна форма и заслужува повик. Верувам дека ова е составот што ќе одговори за мечот против Данска. Сите оние што не се тука, секако дека не се отпишани, се смета на нив. Ситуацијата со Алиоски е специфична. Неговиот клуб, медицинскиот тим, засега не дозволува тој да пристигне додека не биде фит. Ќе се знае дополнително дали ќе пристигне. Се фокусираме на она што треба да го одиграме – истакна Седлоски.

Новиот селектор, кој моментно е и тренер на екипата на Вардар, проговори и за тоа кој противник би го посакал во финалната фаза од баражот: Чешка или Ирска, секако доколку направиме сензација во Копенхаген.

  • Прво и основно е Данска. Дај Боже да биде сè во ред, за потоа да мислиме за нешто друго. Еве, ако толку треба да се одлучам, ја посакувам Ирска. Македонија нема да се брани. Нема што да загубиме. Ќе одиме на гол, секако – порача селекторот.

Инаку, Данска влегува како апсолутен фаворит во дуелот против Македонија, но нашата селекција во годините наназад покажа дека знае да им ги расипе сметките на фаворитите, а најдобро го почувствува тоа на своја кожа селекцијата на Италија.

ИЗДВОЕНИ