четврток, септември 17, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА СЕ ВОВЕДУВААТ ТЕЛЕСНИ КАМЕРИ НА ГРАНИЦИТЕ: Еве каде прво ќе започне снимањето...

СЕ ВОВЕДУВААТ ТЕЛЕСНИ КАМЕРИ НА ГРАНИЦИТЕ: Еве каде прво ќе започне снимањето и со која цел!

0

Царинските службеници од денеска ќе користат телесни камери при извршувањето на работните задачи. Новиот систем беше официјално промовиран на граничниот премин Табановце, како дел од проектот реализиран со поддршка на американската Меѓународна програма за обука и помош при водење криминалистички истраги (ICITAP).

Воведувањето на системот го означија директорот на Царинската управа Бобан Николовски и вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД во земјава, Никол Варнс.

Во првата фаза, телесните камери ќе се користат на граничните премини Табановце, Ќафасан и Блаце.

За потребите на проектот се обезбедени 30 телесни камери, заедно со потребната инфраструктура, а спроведени се и обуки за службениците, супервизорите, администраторите и обучувачите.

Според Николовски, системот претставува чекор кон модернизирање на работата на Царинската управа и воведување нови стандарди во работењето.

„Не добиваме само технологија, туку систем кој треба да даде конкретни резултати во секојдневното работење“, истакна Николовски.

Тој посочи дека камерите треба да обезбедат дополнителна заштита и за царинските службеници и за граѓаните, бидејќи ќе го документираат текот на постапките.

Од Царинската управа велат дека целта е да се зголемат транспарентноста, интегритетот и одговорноста, како и да се спречат неправилности и злоупотреба на службените овластувања.

ИЗДВОЕНИ