среда, септември 23, 2026
Дома СВЕТ Се сретнаа Рубио и Лавров: „Војната во Украина ќе заврши со преговори...

Се сретнаа Рубио и Лавров: „Војната во Украина ќе заврши со преговори и договор“

0
EPA/FAZRY ISMAIL

Американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се сретнаа денес во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации. Разговорите се одржаа зад затворени врати и без прес-конференција. Рубио и Лавров последен пат се сретнаа пред точно два месеца, на 22 јули, на маргините на состаноците на АСЕАН во Манила. По средбата, Рубио изјави дека двете страни покажале интерес за конкретен, ограничен прекин на огнот што би опфатил испораки на жито и енергенси.

„Мислам дека двете страни изразија интерес за одреден ограничен прекин на огнот што би ги опфатил испораките на жито и енергенси. Тоа нема да ја заврши војната, но сметам дека на одреден начин би можело да ги ублажи некои од глобалните притисоци“, рече Рубио.

Американскиот државен секретар смета дека војната во Украина нема да заврши на бојното поле, туку преку преговори.

„Таа војна ќе заврши – мислам дека сите го признаваат тоа – преку преговори и договор, сите го разбираме тоа. Колку побрзо постигнеме таков договор, толку помалку уништување ќе има и помалку луѓе ќе загинат од двете страни. Тоа е она што го сака претседателот“, порача Рубио.

Зборувајќи за можна нова средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, Рубио рече дека таа тема денес не била на дневен ред.

„За тоа не се разговараше денес. Очигледно, идеална средба би била онаа што дава резултати, но потребно е уште многу работа за тоа да се случи“, рече Рубио.

Сепак, тој најави дека ќе го покани Путин на самитот на Г20, кој треба да се одржи во Мајами во декември. Рубио рече дека тоа би било можност за Путин да разговара не само со Трамп, туку и со други светски лидери.

„Сметаме дека ова е можност тој да разговара не само со американскиот претседател, туку и со други светски лидери. Се надеваме дека ќе ја прифати поканата. Остануваме отворени за дијалог“, рече Рубио.

По средбата со Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја е подготвена за „енергетско примирје“, под услов Русија да престане да ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура.

Трамп претходно изрази уверување дека Русија и Украина ќе постигнат договор за завршување на војната.

Рубио и Лавров се сретнаа во време на обновени дипломатски напори за изнаоѓање пат кон завршување на војната во Украина.

ИЗДВОЕНИ