Илјадници луѓе, меѓу кои и полскиот претседател и премиерот, во тишина прошетаа низ Краков. Маршот се одржа по масовното пукање на главниот плоштад, во кое загинаа шест лица, додека целата нација се соочува со последиците од нападот, пренесува „Ројтерс“.
Иако односите меѓу премиерот Доналд Туск и претседателот Карол Навроцки се затегнати, двајцата покажаа желба за национално единство учествувајќи во маршот по настанот што ја потресе Полска. Во меѓувреме, спротивставените политички табори водат жестока дебата за мотивите на напаѓачот.
„За Полска, ова е секогаш знак на надеж: дека иако имаме различни ставови, сепак сме способни да соработуваме, да разговараме и да го бараме она што нè обединува“, изјави за TVN24 заменик-премиерот Владислав Косињак-Камиш. „Способни сме да покажеме солидарност во тешки времиња. Заедно можеме да им помогнеме на оние на кои им е потребна помош“, додаде тој.
Учесниците во маршот поминаа по дел од трасата по која се движел напаѓачот и запалија свеќи на местата каде што во саботата беа убиени жртвите. „Илјадници Полјаци вечерва се собраа во Краков за да им оддадат почит на жртвите од нападот на 7 ноември“, објави Туск на платформата „Икс“.
🇵🇱 Poland’s President, PM, Kraków’s mayor and thousands of Poles take part in a “march of silence” to honor the six victims of Saturday’s mass shooting in Kraków. https://t.co/XmT8DZuStd https://t.co/IWcXbe1C7K
— Alexander Lacherbauer (@lacherbauer) November 9, 2026
Осомничениот напаѓач, кого полицијата го рани и уапси неколку минути по инцидентот, почина во болница. Според полицијата, тој пукал од автомобил на историскиот главен плоштад, кој е популарна туристичка дестинација.
Владата првично изјави дека напаѓачот – идентификуван од обвинителството како 24-годишниот Михал Оксињски од градот Островјец Свјентокшиски – можеби бил мотивиран од крајнодесничарска идеологија. Сепак, во понеделникот, официјалните претставници се повлекоа од тие тврдења. „Сè додека случајот целосно не се расчисти и додека надлежните органи не ги добијат сите информации, најдобро е да се воздржиме од коментари, дури и ако постојат одредени првични индиции“, изјави за TVN24 владиниот портпарол Адам Шлапка.
Од обвинителството потврдија дека и напаѓачот и неговиот татко поседувале дозволи за огнено оружје, а во семејниот стан и во автомобилот на сторителот било пронајдено повеќе оружје. Во саботата, во семејниот дом беа пронајдени и телата на неговиот татко, мајка и сестра. Надлежните претпоставуваат дека Оксински најверојатно ги убил и нив.












