недела, јуни 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СЕ РАЗЈАСНУВА РАСПРЕДЕЛБАТА НА ВЛАДИНИТЕ РЕСОРИ: Вреди со шест ресори меѓу кои...

СЕ РАЗЈАСНУВА РАСПРЕДЕЛБАТА НА ВЛАДИНИТЕ РЕСОРИ: Вреди со шест ресори меѓу кои и правда, култура и односи меѓу заедниците, ЗНАМ со две министерства

Вицепремиерот и министер за европски интеграции, Беким Сали, денеска објави дека тие во новиот состав на владата ќе имаат вкупно шест ресори, односно, дека ќе го преземат раководењето во три нови ресори со кои досега не управувале. Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, денеска изјави дека ќе раководат со две министерства и дека по овие преговори ќе излезат уште појаки и пообединети

1112

Дилемите околу распределбата на владините ресори, чие расчистување премиерот Христијан Мицкоски го најави за задутревечер, почнаа да се разјаснуваат уште денеска, откако водечките функционери на партијата Вреди соопштија дека веќе било договорено тие во новиот состав на владиниот кабинет да раководат со вкупно шест министерства. Како што денеска изјави актуелниот прв заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, тие ќе го преземат раководењето во три нови ресори со кои досега не управувале.

– По владината реконструкција, Вреди ќе раководи со шест министерства – за животна средина, економија, правда, евроинтеграции, култура и односи меѓу заедниците. Две нови имиња на министри ќе има во Министерството за култура и во Министерството за правда, но сè уште не е дефинирано кои ќе бидат тие. Мислам дека актуелните министри добро перформираат во Владата, задоволни сме и ќе продолжат понатаму – изјави Сали пред почетокот на партиската средба на која се поднесуваше отчетот за двегодишното работење на оваа партија во рамките на владината коалиција.

Споредено со досегашните ресори со кои управуваа кадрите на оваа партија, тоа значи дека во нивните раце ќе се најдат три нови ресори – за правда, со кое досега раководеше Игор Филков од редовите на ЗНАМ, за култура, каде што министер е Зоран Љутков од ВМРО-ДПМНЕ и позицијата заменик-претседател на Владата, која досега ја држеше Иван Стоилковиќ, лидер на Демократската партија на Србите во Македонија. За возврат, Вреди ги ослободува вицепремиерскиот ресор за доброто владеење каде што оставка поднесе Арбен Фетаи, позицијата министер за труд социјална политика, демографија и млади на чело со Фатмир Лимани, како и ресорот за здравство, каде што е сега Азир Алиу.

– Здравство не е дел од пакетот, не е од нашите, истакна вчера Сали.

Изворите од Вреди во изминативе денови соопштија дека во ресорот за правда ќе предложат или некој експерт при што се спомнувало името на универзитетски професор Јетон Шасивари или, пак, партиски кадар.

Секој момент има нови предлози

Меѓутоа, прашање е дали она што како „завршена работа“ го кажуваат водачите на Вреди ќе остане како варијанта и до задутревечер, за кога премиерот Мицкоски најави претставување на новите министри заради нивното одобрување од страна на партискиот Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Ова најмногу се однесува на дилемите што постоеја врзано за ресорот за правда, кој досега му припаѓаше на Движењето ЗНАМ. Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, денеска во Куманово изјави дека „ресорите сè уште не се дефинирани“.

– Вторник ќе биде конечен ден кога ќе бидат соопштени сите ресори, кој на која политичка партија припаѓа и како ќе бидат распределени. ЗНАМ ќе задржи две министерства и по овие преговори ќе излезе уште појак, пообединет и поголем и ќе преземе уште поголема одговорност во делот на менаџирањето на процесите во државата, сè со цел граѓаните да добијат подобри услови за живот и да се отворат перспективите на Македонија за членство во ЕУ. ЗНАМ ќе стане еден од главните водечки политички фактори во државата – нагласи Димитриевски пред одржувањето на партиската трибина со граѓаните во рамките на започнатата партиска активност.

Тој додаде дека е во постојана комуникација со првиот човек на Владата.

– Јас сум во континуирана комуникација со мандатарот Мицкоски, секој момент има нови согледувања, нови предлози. Инаку, коалицијата никогаш не била постабилна. Нормално е мандатарот и владините партнери да ја разгледаат работата на Владата и да ги донесат вистинските заклучоци таму каде што не се работи доволно да се засилат сите капацитети од сите аспекти – нагласи лидерот на ЗНАМ.

По најавата од Вреди дека во нивни раце ќе се најде ресорот за правда, се отвора прашањето што во тој случај ќе му припадне како министерство на Движењето ЗНАМ. Во владините кулоари, во изминативе денови циркулираше комбинација дека на партијата на Максим Димитриевски ќе ѝ биде понудено да го преземе управувањето со ресорот земјоделство. Но, завчера, пак, на почетокот на серијата средби со граѓаните под мотото „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“ во Скопје, Димитриевски на прашањето дали е прифатлива размената на ресорите земјоделство со правда, одговори дека „сè уште нема такви предлози на маса и дека не би сакал да шпекулира“.

Во чии раце ќе заврши здравството?

Ова води и кон прашањето дали, во таква ситуација, предмет на комбинации може да бидат ресори за здравство или, пак, за социјална политика кои имаат поголема тежина во однос на култура, спорт или, пак, за доброто владеење. Неофицијални информации досега кажуваа дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ е посебно заинтересирана да го добие и ресорот за здравство, со кој сега управува кадарот на Вреди, Азир Алиу. За Алиу, очигледно, ќе се бара некој друг ангажман. Заинтересираноста на ВМРО-ДПМНЕ за здравствениот сектор можеше да се насети и од неодамнешната најава на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата планира изградба на нов клинички центар. Веќе била и определена локацијата на просторот кај базенот „Борис Трајковски“ во скопската Општина Карпош.

Очигледно, сите комбинаторики не се завршени и ќе траат до последен ден. Премиерот Мицкоски неодамна изјави дека реконструкцијата не се прави само поради резултатите постигнати досега туку и поради, како што кажа, промена на приоритетите. Односно, дека секој од владините партнери си има свои приоритети во одредени области.

– Не се битни само резултатите, дали биле добри или недоволно добри или, можеби, воопшто немало резултати, понекогаш реконструкцијата се прави затоа што се менуваат приоритетите. Можеби, тие приоритети пред две години имале една форма, по две години имаат поинаква форма. И логично е владините коалициски партнери, по овие две години, да ги кристализираат сопствените приоритети и онаму каде што може најмногу да придонесат. Мислам дека оваа реконструкција ќе биде во тој дух и со таква форма – рече тој. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ