петок, ноември 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Се проектира нов Градски плоштад во Гевгелија

Се проектира нов Градски плоштад во Гевгелија

0

Општина Гевгелија започна со постапка за проектирање нов градски плоштад, кој според локалните власти, треба да биде современ, функционален и урбан простор со кој ќе се разубави изгледот на централното градско подрачје.

На работна средба со претставници од општинскиот Сектор за урбанизам, претставници на проектантското биро и стручни лица од областа на архитектурата и урбанизмот, локалните власти ги разгледале предлозите за идниот изглед на новиот плоштад.

Според градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, проектот предвидува замена на подземните инсталации, продолжување на концептот на употреба на квалитетни и трајни материјали, меѓу кои и гранитот, збогатување на просторот со повеќе зелени површини, поставување нова урбана опрема и современо осветлување, како и воведување содржини наменети за најмладите.

– Нашата цел е да добиеме квалитетно, современо и долгорочно решение кое ќе го унапреди изгледот на Гевгелија. Белег кој, покрај реконструкцијата и реставрацијата на старата чаршија и реконструкцијата на улицата „Маршал Тито“ во централното градско јадро, ќе создаде урбана целина за привлекување туристи, а, секако, и простор за сите нашите сограѓани – нагласи Сарамандов.

ИЗДВОЕНИ