Од Левица тврдат дека граѓани добивале казни во автобусите на ЈСП иако претходно платиле билет преку мобилниот телефон, бидејќи СМС-потврдите пристигнувале со задоцнување и до 30 минути. Од Град Скопје велат дека контролорите постапуваат според времето на пристигнатата порака и дали бил купен билетот пред контролата. Посочуваат дека во дел од случаите било утврдено дека биле испратени пораките дури по влегувањето на контролорите во автобусите
Контролори на ЈСП „Скопје“ казнувале граѓани и покрај тоа што тие уредно платиле автобуски билет преку мобилниоттелефон, но СМС-потврдата за успешно плаќање пристигнувала со значително доцнење. Повикувајќи се на реакции на граѓани, од политичката партија Левица обвинија дека патниците добивале потврда за платениот билет дури по 20-30 минути, а во меѓувреме контролорите им изрекувале казни, иако, како што тврдат од Левица, станува збор за технички проблем во системот на ЈСП.
– Во град каде што автобусот доаѓа како природна непогода – непредвидливо и ретко, сега граѓаните се казнувани и за дефектите на самиот систем на ЈСП – наведуваат од партијата.
Во реакцијата се оценува дека јавниот превоз во Скопје се наоѓа во лоша состојба, а контролорите наместо да покажат разбирање за патниците, „настапуваат како улични извршители“ и пишуваат казни на лица што веќе извршиле уплата.
Левица упати критики и кон градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, како и кон раководството на ЈСП, обвинувајќи ги дека не ги реализирале ветувањата за подобрување на јавниот превоз.
– Денес ЈСП не може навреме да испрати ниту обична порака за платен билет, но затоа експресно испраќа контролори да се закануваат и изживуваат врз патниците – стои во соопштението.
Од партијата апелираат до раководството на ЈСП и до градските власти да им укажат на контролорите да не ги третираат граѓаните како измамници, туку да се фокусираат на решавање на системските проблеми во јавниот превоз.
Од Град Скопје изјавија за весникот ВЕЧЕР дека по добиените информации од ЈСП, согласно со наводите од страна на политичката партија Левица, обврска на контролорите е да вршат проверка дали поседува патникот важечки билет.
– Контролорите вршат проверка врз база на пристигнатата порака и дали е пратена таа во временскиот интервал кога се врши контролата, односно дали е купена пред да се изврши проверката од страна на контролорите. Во ретки случаи, кога има несовпаѓање на термините, патниците се обраќаат до ЈСП „Скопје“, каде што се вршат дополнителни проверки. Напоменуваме дека кај голем дел од патниците и од пристигнатите поплаки е утврдено дека е пуштена пораката непосредно по влегувањето на линиските контролори во возилата – стои во одговорот од Град Скопје.
(С. Бл.)












