Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, не успеа да стигне до финалето на гренд – слем турнирот Вимблдон. Во полуфиналето беше запрен од Јаник Синер (6:4, 6:4, 6:4). На прес-конференцијата, тој беше особено вознемирен од прашањето за „крајната цел – освојување на 25-от гренд слем во кариерата“.
„Тоа не е крајната цел. Многу луѓе ме оптоваруваат, луѓето што се во мојот втор круг на блискост и медиумите. Навистина разбирам дека луѓето сакаат да го освојам 25-тиот слем, и јас го сакам тоа, но тоа не е крајната цел. Да ги ставиме работите во перспектива. Навистина почна малку да ме нервира. Бидејќи, како да не сум доволен за себе, тогаш некој друг става дополнителен товар врз мене. Како да не се доволни 24, 25 слема не се доволни, повеќе од 100 титули не се доволни, 400 недели како прв во светот не се доволни, туку 1000. Ајде малку да славиме, да се радуваме на она што сме го постигнале и да бидеме малку поскромни, реалистични и благодарни“, започна Новак и додаде:
Навистина ми е преку глава да зборувам за тоа кога ќе биде 25-тиот слем. Што ако никогаш не дојде? И што тогаш? Дали кариерата е неуспех тогаш.“ Затоа би ја проверил таа реченица како крајна цел, бидејќи тоа не е крајна цел за мене. Приоритет и цел е да бидам што е можно поподготвен, да играм најдобро на гренд слем турнирите. Го повторував тоа како папагал во текот на целата моја кариера и поради тој пристап постигнав сè. Во мојата кариера од 20 години, резултатите на гренд слем турнирите зборуваат колку ми значат и како играв на нив. Можев да освојам уште пет гренд слем турнири, имав натпревари во кои играв и можев да изгубам пет каде што победив во невозможни натпревари, тоа е сè живот и спорт.“
Тој, исто така зборуваше за тренингот и како да се подготви за натпреварот.
„Не е само ментална сила, туку ако повратиш тоа утро, ти се врти во главата, не реагираш, сè е во магла… Луѓето не знаат, а тоа им се случува на сите. Тие секогаш очекуваат да бидеш најподготвен, што е невозможно. Можно е секогаш да даваш сѐ од себе, но тие околности се менуваат од ден на ден и во последните неколку години ми носат нови предизвици со кои морам да се соочам. Ова е реалноста што ми е најтешка да ја прифатам. Дека еден ден настапувам феноменално и на тренинг и на натпревар, а следниот се чувствувам како да не сум во своја кожа. Како да сум сосема друга личност. Претпоставувам дека биолошки некои работи се менуваат, има осцилации. Тренингот е едно, натпреварот е друго, но вежбаш работи на тренинг, ги чувствуваш моментите во рацете и на рекетот, ако не го чувствуваш тоа, тогаш има проблем. Не сум тука да седам и да кукам, тоа се мои избори, ги носам тие одлуки свесно, затоа што сакам да бидам на теренот. Претпоставувам, знам каде ќе оди топката, ментално сум подготвен, а телото е забавено. Чувствував како да си половина чекор побавен од твојот ривал и тоа ме излудува. Продолжувам да го имам тој оптимистички менталитет, да го трасирам својот пат и да ја претставувам мојата земја најдобро што можам, ќе видиме до каде можам да одам.“
Ѓоковиќ е свесен и дека Синер беше едноставно многу подобар ривал на теренот.
„Можеше да биде полошо. Знаев дека можеби ќе можам да го добијам сетот ако стигнам до тајбрејкот, можеби некои работи ќе тргнеа наопаку за него. Сепак, тој беше премногу доминантен и подобар играч. Полуфиналето на Вимблдон е добар резултат, но за мене трофејот е само најдобриот резултат. Се обидувам да најдам рамнотежа во главата и да си кажам дека она што го правам на оваа возраст е посебно и добро и да продолжам понатаму“, заклучи Ѓоковиќ.












