Лицето кај кое се лобира не смее да бара и прима донации, подароци или друга материјална или нематеријална корист, односно погодност или предност, за себе или за друг, за време и по престанокот на функцијата, вработувањето или ангажирањето и е должно да внимава да не се стави во состојба на судир на интереси при лобирањето, имајќи ги предвид целите на лобирањето кое го врши лобистот, односно лоби организацијата која го контактира, ова е една од изменетите одредби во новопредложените измени во Законот за лобирање што ги предложило Министерството за правда. Во денешното соопштение на Министерството се информира дека предложените измени се објавени на ЕНЕР и дека може да се даваат критички забелешки. Се наведува дека се предлагаат решенија за зајакнување на транспарентноста, интегритетот и отчетноста во процесите на креирање и спроведување на јавните политики.
-Со проширува опфатот на лобирањето на процесите на донесување, изменување, спроведување и евалуација на јавните политики, се прецизираат правилата за застапување на јавниот интерес, се зајакнуваат механизмите за спречување на прикриено и недозволено лобирање, вклучително и преку дигитални канали и социјални мрежи, се воведуваат обврски за органите кај кои се лобира во однос на одговорот и остварувањето на контактите, се зајакнува надзорот и контролата од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата и се предвидуваат нови и повисоки прекршочни санкции за непочитување на законските обврски – се наведува во соопштението.
Во новопредложениот член 19 се наведува дека во случај на ветување, понуда или давање донација, подарок или друга материјална или нематеријална корист, односно погодност или предност, лицето кај кое се лобира е должно да го прекине контактот и да одбие каков било понатамошен контакт со лобистот, односно лоби организацијата и претставник на лоби организацијата.
– За прекинатиот контакт лицето кај кое се лобира подготвува записник кој го доставува до Државната комисија, а во кој ги наведува податоците кои му се познати, а причините за прекинот на контактот ги наведува во рамки на краткиот опис на предметот на дискусија, односно цел на лобирањето. Доколку причина за прекинувањето на контактот со лобистот, односно лоби организацијата, е постапување спротивно на одредбите од овој закон, лицето кај кое се лобира е должно записникот да го достави во прилог на претставката од членот 23 од овој закон – се наведува во една од предложените измени. (Б.Ѓ.)












