вторник, август 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СЕ МЕНУВА СТРУКТУРАТА НА ИЛЕГАЛНИТЕ МИНУВАЧИ НИЗ ЗЕМЈАВА: Мигрантите од Египет најбројни...

СЕ МЕНУВА СТРУКТУРАТА НА ИЛЕГАЛНИТЕ МИНУВАЧИ НИЗ ЗЕМЈАВА: Мигрантите од Египет најбројни на шверцерските маршрути низ Македонија

Полициските органи вчера спречија нов обид за шверц на десет лица од оваа северноафиканска земја, кој е нов во серијата откриени случаи во последниве месеци. Ако преклани најбројни обиди за илегален влез во Македонија имаа лицата од Сирија и од Мароко, сега главни „клиенти“ на шверцерите се Египќаните, покажуваат извештаите на Националната комисија за борба против илегалната миграција

0

Шверц на десет лица од Египет и нивно илегално пренесување од јужната македонска граница кај Гевгелија до северната граница со Србија спречила завчера македонската полиција. Како што соопшти МВР, овие лица биле откриени во селото Богородица, при контрола на патничко возило „фиат типо“ со скопски регистарски таблички, кое го управувало лицето Р. С. од Латвија. Ова е нов случај на откривање обид за илегално префрлање мигранти, при што доминираат лицата што потекнуваат од оваа северноафиканска земја.

Во мај годинава, на автопатот Гевгелија – Неготино, полициски службеници ги лишија од слобода А. Г. (42) и Г. Г. (39), двајцата од Косово, кои во две одделни возила вршеле шверц на седум лица мигранти од Египет. Претходно, на 23 март, на автопатската делница од Демир Капија до Неготино, во возилото што го управувал турскиот државјанин Б. Е. биле откриени петмина египетски државјани што имале намера да стигнат до македонско-српската граница кај Табановце. На почетокот на тој месец, на таа делница, пак, било запрено возилото што го управувал еден скопјанец, при што имало десетмина Египќани во неговото возило.

Примери што, очигледно, покажуваат дека како да стануваат жителите на оваа африканска земја главни „корисници“ на шверцерските маршрути кон западноевропските земји, а кои сè уште функционираат преку нашата земја. Тоа го покажуваат не само дневните полициски извештаи туку и годишните биланси што ги води Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција. Податоците во нив наведуваат дека само во минатата година, речиси секој трет илегален мигрант што се обидел да влезе и да ја помине нашата земја потекнувал од Египет.

– Во текот на 2025 година, покрај западнобалканската маршрута, во споредба со 2024 година, бројот на спречени обиди за илегално преминување на државната граница е намален за 11 отсто. При ова, регистрирани се 6.061 спречен обид. Од нив, 4.070 се спречени при обидите за влез на границата со Грција, а 1.762 обиди се спречени при излез од државата. Според структурата, најзастапени се обидите на лицата по потекло од Египет – 1.827, а потоа следуваат лицата од Авганистан – 1.274, Сирија – 447, Мароко – 417 и Судан – 372 – се наведува во извештајот на Националната комисија за минатата година.

Во 2024 година, кога било спречено влегување на 6.809 мигранти, најзастапени биле лицата од Сирија – 3.156, потоа од Мароко – 582, а од Египет имало само 525 откриени лица на кои не им било дозволено да го продолжат илегалниот транспорт преку нашата земја.

Намалувањето на бројот на мигранти од Сирија сигурно се должи на смирувањето на воениот конфликт во таа земја, по промената на врвот на власта. Но истовремено, не е познато кои се причините што ги мотивираат Египќаните да ја користат токму оваа маршрута во обидите да стигнат до западноевропските земји. Извештајот на националната комисија открива дека постои разработена шверцерска мрежа, која почнува со прифаќање на мигрантите во Грција, а продолжува со нивно префрлување во пограничниот регион со Македонија. Таму се прават обиди за илегален влез во нашата земја пеш, а потоа мигрантите ги прифаќаат шверцери, кои најчесто изнајмуваат возила и за висока цена ги префрлаат кон северната македонска граница со Србија. Таму, пак, прават обиди за влегување на српска територија и за продолжување на патот. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ