Владата анализира повеќе опции за иднината на вториот пензиски столб, меѓу кои намалување на задолжителните придонеси, доброволно членство и комбинирање на постојните модели. Мицкоски не ја исклучува можноста за хибридно решение, додека пензиските друштва и експертите имаат различни ставови за исплатливоста и за одржливоста на системот. Во меѓувреме, расте зависноста на ПИОМ од државниот буџет, а доцнењето на уплатите кон приватните фондови отвора дополнителни прашања за сигурноста на пензиските заштеди

 

Се разгледуваат неколку модели за реформа на вториот пензиски столб, при што меѓу опциите се: да се намали процентот на задолжителни придонеси, привремено запирање на уплатите, воведување доброволно членство, но и можност за осигурениците за целосно враќање кон државниот пензиски систем. Конечната одлука сè уште не е донесена, а премиерот Христијан Мицкоски најави дека пред да падне конечната одлука за моделот, ќе се спроведе јавна расправа и ќе има консултации со експертската јавност. Целта, според него, е да се најде решение што ќе ги заштити интересите на осигурениците и ќе обезбеди законска поддршка.

Мицкоски посочи во телевизиско интервју дека се анализираат искуствата од повеќе европски држави, а не ја исклучи можноста конечниот модел да биде комбинација од различни пристапи, односно некое хибридно решение.

Меѓу разгледуваните решенија, истакна премиерот, е постепено намалување на задолжителниот придонес од сегашните шест проценти на пет, четири или три проценти. Имено, според стапките што важат од 1 јули до 31 декември 2026 година, вкупниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 19,9 %, а се распределува така што 6  одат во вториот пензиски столб, односно на индивидуалната сметка во приватниот пензиски фонд, а 13,9 % остануваат во првиот, државен пензиски столб.

Мицкоски посочи дека се разгледува и опцијата за привремено пренасочување на средствата кон првиот, државен пензиски столб, како што направиле балтичките земји во одредени периоди, во текот на пандемијата. Како една од можностите, тој ја спомена и национализацијата, за која рече дека лично најмалку ја поддржува.

Дополнително се отвори неизвесноста околу иднината на вториот столб по објавувањето на законските измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се ставени на ЕНЕР, а во кои е избришан членот 120, што ја регулира уплатата на шест проценти од придонесите. Мицкоски објасни дека станува збор за обединување на повеќе законски решенија во еден пропис и дека нема промена во функционирањето на вториот столб. Сепак, професорката Јадранка Мршиќ предупредува дека законските документи мора јасно да објаснат зошто се брише членот, каде се пренесува одредбата за шестпроцентната уплата и како ќе се гарантира редовното префрлање на средствата.

Пензиските друштва што стопанисуваат со парите на осигурениците од вториот столб, ги посочуваат досегашните резултати на капитално финансираниот модел, според кој и работат. Според податоците објавени на 12 ноември 2026 година, просечниот номинален годишен принос што го имаат трите пензиски друштва во изминатите 20 години изнесува 5,5 %, додека реалниот принос, по одземањето на инфлацијата, велат дека достигнал 2,3 %. Вкупниот принос што е остварен за членовите на вториот пензиски столб изнесува околу 1,25 милијарди евра, а номиналната вредност на средствата на индивидуалните сметки се зголемила приближно трипати. Друштвата предлагаат постепено зголемување на старосната граница за пензионирање и враќање на придонесот кон 21,2 %.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ има поинаков поглед на евентуалното враќање кон целосно државен систем. Тој укажува дека средствата на индивидуалните сметки не се пари што осигурениците можат веднаш да ги повлечат, а промената на моделот би значела и поинаков начин на финансирање и исплата на пензиите.

Реформата на вториот пензиски столб се актуализира поради фактот што државниот пензиски фонд не може од пензискиот придонес што го уплаќаат фирмите за своите вработени, да ја покрие сумата што е потребна за исплата на пензиите. Ако се погледне завршната сметка на Фондот за ПИОМ за 2025 година, се забележува дека зависноста на државниот пензиски фонд од буџетот и натаму расте. Буџетските трансфери достигнале 53,86 милијарди денари, односно околу 876 милиони евра, што претставува 40,36 % од вкупните приходи, наспроти 36,71 % во 2024 година. Приходите на ПИОМ од придонеси изнесувале 77,69 милијарди денари, а вкупните расходи достигнале 132,75 милијарди денари. За исплата на пензии биле потрошени 107,85 милијарди денари, додека трансферите кон вториот столб се зголемиле од 14,22 на 14,87 милијарди денари. ПИОМ на крајот од 2025 година евидентирал 348.795 корисници на пензија.

Според завршната сметка, трансферите кон приватните пензиски друштва што им ги уплатил ПИОМ во 2025 година биле зголемени од 14,22 на 14,87 милијарди денари, односно за околу 4,5 %, додека средствата за здравствено осигурување на пензионерите биле намалени од 9,66 на 9,38 милијарди денари. Во моментов, дополнително внимание предизвикува доцнењето на трансферите кон приватните пензиски друштва. Мицкоски тврди дека тие се намалени од претходните 180 на околу 45 дена, со очекување многу брзо да бидат сведени под еден месец.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ