вторник, јуни 30, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СДСМ НЕМА НАМЕРА ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД БЛОКАДАТА, Спасовски: Изборниот законик треба...

СДСМ НЕМА НАМЕРА ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД БЛОКАДАТА, Спасовски: Изборниот законик треба да се предоговара, не ја прифаќаме понудата за амандманска интервенција во неколку одредби

1

Најголемата опозициска партија не ја прифаќа понудата на премиерот Христијан Мицкоски да поднесат неколку амандмани со кои би се исполниле нивните барања во однос на одредбите во новиот Изборен законик. Ова, денеска, за весникот ВЕЧЕР го изјави координаторот на пратеничката група на опозициските социјалдемократи, Оливер Спасовски, откако Мицкоски синоќа излезе со таква понуда.

– Тоа е неприфатливо за нас. Немаме намера да поднесуваме такви амандмани. Потребно е да се репреговара целиот Изборен законик и решенијата во него – изјави Спасовски.

Тој додаде дека се во исчекување на седници на две собраниски комисии на кои треба да се разгледаат предложените измени во Изборниот законик, а кои ги поднела група на пратеници по завршената работа на работната група во Министерството за правда.

– Кога ќе се закажат седниците, тогаш треба да почне и разгледувањето на нашите 10.000 амандмани што сме ги подготвиле – ни рече Спасовски.

Премиерот, Христијан Мицкоски синоќа, ја повика опозицијата да поднесе посебни амандмани со кои ќе се исполнат нивните барања во однос на промените во изборното законодавство.

– Предложете амандмани со кои барате корекција на начинот на заокружување и поднесување приговори. Веднаш ќе ви ги прифатиме. Повлечете ги другите амандмани и да го изгласаме Изборниот законик – порача Мицкоски во објавата на „Фејсбук“.

Од опозициската Левица, која исто така, најави блокада на Изборниот законик, денеска не можеше да се добие изјава околу начинот на кој планираат да ја спроведат блокадата. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ