Популарната американска писателка на психолошки трилери, Сара Пеканен, која ќе гостува на Саемот на книгата што ќе одржи од 23 до 29 април, на платото пред aрената „Борис Трајковски“, пристигна во Скопје. Таа ќе биде дел од штандот на „Арс ламина“, а на средбата со македонските читатели, на 25 април (13:00 часот), ќе биде промовиран нејзиниот нов психолошки трилер – „Куќа од стакло“, кој неодамна излезе од печат на македонски јазик, во издание на „Арс либрис“. По промоцијата, ќе следуваат потпишување и дружба со авторката.
„Куќа од стакло“ раскажува приказна за адвокатка што застапува деца во сложени разводи и случаи за старателство. Нејзин нов клиент е деветгодишната Роуз Баркли, која, можеби, била сведок на убиство на својата дадилка. Во текот на бракоразводната битка, девојчето престанува да зборува, а адвокатката Стела Хадсон се обидува да ја открие вистината во ситуација кога сите лажат и секој може да биде осомничен. Книгата беше номинирана за наградата „Goodreads Choice Award“ и беше прогласена за една од најдобрите книги на годината на „Амазон“.
На средбата со новинарите, која се одржа денес, рече дека првпат доаѓа во Скопје и дека е воодушевена од пречекот што го има во Македонија. Истакна и дека често се допишува со своите читатели на социјалните мрежи, со цел да ги слушне нивните коментари околу нејзините дела. Се радува и со нетрпение очекува средба и со читателите во нашата земја.
На прашањето дали нејзината книга, покрај фикција, има и автобиографски елементи, таа има негативен одговор.
– За среќа што нема автобиографски елементи, во спротивно, животот би ми бил многу мрачен и заплеткан. Ништо од она што го пишувам не го базирам на реалноста, на мојот сопствен живот и на работите што мене ми се случуваат. Но, она што ми е важно е да имам пристап до емоциите на ликовите, да осознаам како се чувствуваат тие за да можам потоа тоа верно да го отсликам и во книгата. И токму пред некој ден разговаравме со една актерка за ова и таа ми го потврди истото: дека е неопходно да се запознае целосно ликот, да се осознаат неговите или нејзините емоции за да може тоа потоа верно да се прикаже пред публиката, без разлика дали станува збор за книга или за филм – рече Пеканен.
Додаде дека, за неа, автор што имал најголемо влијание врз начинот на кој пишува е Труман Капоти.
– Затоа што тој воспостави еден нов начин на пишување – наративно раскажување на приказна, односно почна да пишува за реални настани што се случиле како да се фикција, да ги прикажува на таков начин. И верувам дека неговиот роман „Ладнокрвно“ (In Cold Blood) е вистинско ремек-дело, кое постави нови стандарди во жанрот на пишувањето. Уште кога работев како новинарка, често ми се случуваше да имам задолженија што траат повеќе месеци – да истражувам на одредена тема и се обидував секогаш да го напишам конечниот продукт во стилот на Капоти. Односно да ја заобиколам онаа типична новинарска „обратна пирамида“ според која треба да пишуваме и да почнам многу наративно да го раскажувам дејството – додаде американската писателка.
Пеканен ѝ е позната на македонската публика и како коавторка на бестселерите „Анонимна девојка“, „Не си сама“ и „Златната двојка“, кои ги има напишано заедно со својата пријателка и уредничка Грир Хендрикс. Досега има објавено 15 книги – самостојни и коавторски изданија, вклучувајќи ги трилерите напишани со Хендрикс. Нивните книги се бестселери на „Њујорк тајмс“, а неколку од нив ќе добијат филмски и телевизиски адаптации. (Н. И. Т.)












