Европската комесарка за проширување, Марта Кос, изјави дека местото на Црна Гора во Европската Унија сега добива појасни контури.
„Ова е голем чекор на патот кон членство во ЕУ, јасно признание за напредокот на Црна Гора и поттик за забрзување на реформите“, рече Кос, коментирајќи го формирањето на ad hoc работната група за изготвување на Договорот за пристапување на Црна Гора кон Европската Унија, кој беше одобрен денес.
Исто така, како што додава, тоа дава можност да се извлечат поуки од претходните проширувања и да се вклучат нови и посилни заштитни механизми во идните договори за пристапување со цел да се спречи регресија во областа на владеењето на правото и фундаменталните вредности.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, исто така се придружи на честитките.
„Честитки до Црна Гора – денес направивме голем чекор кон вашето пристапување кон Европската Унија. Одлуката за формирање на Работната група за изготвување на нов Договор за пристапување е клучна пресвртница“, рече Кошта.
Тој додаде дека за прв пат од 2014 година, Европската Унија го започнува процесот за следното проширување.












