За да се обезбедат постабилен притисок и подобар доток на вода, Општина Дојран почна со санација на водоводната мрежа на повеќе локации во населеното место Нов Дојран.
Според општинските власти, инвестициите во водоводната инфраструктура ќе опфатат конкретни зафати таму каде што се најизразени проблемите со водоснабдувањето.
Надлежните информираат дека се поставуваат нова водоводна мрежа и нови приклучоци на местата каде што досега најчесто се појавувале дефекти за да се овозможи трајно и посигурно решение за овие проблеми.
– Со овој зафат им се става крај на честите дефекти, се подобрува и стабилизира водоснабдувањето, се обезбедуваат постабилен притисок и подобар доток на вода до домовите, со што ќе се намалат трошоците за одржување и санација на дефектите и ќе има помалку прекини во водоснабдувањето – велат од Општина Дојран.
Оттаму најавуваат продолжување на инвестициите во водоводната и во канализациската мрежа онаму каде што е потребно, како долгорочно решение и подобрување на водоводната инфраструктура.












