Серија тешки кражби во повеќе села во Полог откри СВР Тетово, по што кривично се пријавени четири лица за вкупно десет кривични дела – четири „тешка кражба“ и шест „тешка кражба во обид“. Кривичната пријава е поднесена против Е.В. (43) од Никуштак, Х.А. (53) од Косово, А.А. (34) од Отља и Е.А. (34) од Никуштак.
Според полицијата, дел од кражбите биле извршени во куќи, но бил ограбен и објект на спортска обложувалница, како и магацински простор на бензинска станица. Најголемата кражба, според пријавеното, била извршена на 19 септември годинава во Долно Палчиште. Од куќата на А.А. бил одземен сеф во кој имало златен накит, оружје и муниција. Вкупната вредност на украденото е проценета на околу 160.000 евра. Во истото село, во периодот од 24 до 28 ноември минатата година, од куќата на Б.И. биле украдени златен накит и пари во вредност од околу 70.000 евра. Пријавените, според СВР Тетово, на 10 мај годинава извршиле кражба и во спортска обложувалница во Теарце, каде што со употреба на сила го отвориле сефот и одзеле пари. Во периодот од 23 до 26 мај, пак, од магацинскиот простор на бензинска станица во Пирок биле украдени повеќе пакувања цигари.
Полицијата ги поврзува четворицата и со уште шест обиди за кражба. Од април до септември годинава, во шест наврати, тие влегувале во куќи и други објекти во Камењане, Долно Палчиште, Нераште, Теарце и Радиовце и ги пребарувале просториите, но во овие случаи, според пријавеното, не одзеле ништо.
СВР Тетово против четворицата поднело кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени десет кривични дела.












