Меѓународното жири за претстојното Венециско биенале за современа уметност (9 мај – 22 ноември) поднесе оставка по спор околу одлуката на организаторите да ѝ дозволат на Русија да учествува, и покрај ставот на жирито, објавија медиумите.
Пред една недела, жирито објави дека на Русија и Израел ќе им биде одземена можноста да ги добијат наградите за најдобар павилјон и најдобар уметник бидејќи Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на лидерите на тие земји за воени злосторства.
На 23 април, Европската комисија објави дека ги информирала организаторите на Венециското биенале за својата намера да ја суспендира субвенцијата од два милиони евра бидејќи дозволиле рускиот павилјон да се отвори, напиша тогаш парискиот весник „Ле Монд“.
„Ле Монд“ неодамна објави статија од група уметници и академици во која го изразуваат своето неодобрување за враќањето на Русија на Биеналето. На 10 март, потпретседателката на Европската комисија, Хена Виркунен, предупреди дека ЕУ ќе реагира доколку Венециското биенале не ја поништи својата одлука да ѝ дозволи на Русија да учествува на меѓународната изложба за современа уметност.
„Културата ги промовира и заштитува демократските вредности, охрабрува отворен дијалог, разновидност и слобода на изразување и никогаш не смее да се користи како платформа за пропаганда“, нагласи Виркунен во тоа време. На почетокот на март, украинските власти ги повикаа организаторите на Венециското биенале да не дозволат Русија да учествува, што ќе биде прво откако започна руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Пред оставките на членовите на жирито, италијанскиот министер за култура, Алесандро Џули, објави дека нема да присуствува на претпремиерата и церемонијата на отворањето на Биеналето поради учеството на Русија. Неодамна беше откриено во италијанските медиуми дека рускиот павилјон ќе биде отворен само за време на денот на претпремиерата, а потоа, во согласност со санкциите, затворен до крајот на шестмесечното Биенале. Сепак, министерот Џули неодамна вети поддршка за израелскиот уметник, авторот на павилјонот на неговата земја, Бело-Симион Фаинару, а израелскиот медиум „Хаарец“ вчера објави дека министерот за култура „ветил дека делото на Фаинару ќе биде промовирано и изложено во Италија како дел од иницијативата на Министерството за култура“, пренесе „Бета“.












