понеделник, јуни 22, 2026
Дома СВЕТ Само изминатиот викенд 16 жртви: Францускиот премиер им забрани на министрите да...

Само изминатиот викенд 16 жртви: Францускиот премиер им забрани на министрите да патуваат

324
EPA/SIMON WOHLFAHRT / POOL MAXPPP OUT

Францускиот премиер Себастијан Лекорни побара од своите министри во кабинетот да ги ограничат патувањата во четврток и петок, 25 и 26 јуни, додека ќе им биде дозволено да патуваат само ако тоа е поврзано со моменталниот екстремен топлотен бран што ја погодува земјата, објави BFMTV.

Според соопштението од кабинетот на премиерот, оваа одлука е донесена за да се избегне прекумерна мобилизација на локалните префектурни служби за време на овие патувања, особено затоа што надлежните служби се веќе оптоварени со мерки поврзани со топлотниот бран и неговите последици низ цела Франција.

Според BFMTV, црвена временска тревога е издадена за 49 департмани поради екстремна топлина, која влијае на вкупно 35 милиони Французи.

Националната метеоролошка служба, Метео-Франс, соопшти дека сегашниот топлотен бран може да биде толку силен како оној од август 2003 година.

Се очекува температурите да достигнат од 38 до 41 степени целзиусови на многу места, а можеби и повисоки во некои области во текот на целата недела.

Екстремно високите температури во Франција предизвикаа смрт на 16 лица во текот на викендот, 845 училишта и универзитети во земјата беа затворени денес поради топлината, а консумирањето алкохол на музичките фестивали низ целата земја беше ограничено или забрането поради високите температури.

Францускиот претседател Емануел Макрон објави дека владата на земјата денес ќе одржи нов меѓуресорски кризен состанок во врска со топлотниот бран.

Макрон ги потсети граѓаните на важноста од „следење на сите препораки“ и „будност“.

Претседателката на регионот Ил де Франс во централна Франција, Валери Пекрес, изјави дека јавниот превоз ќе „страда енормно“ поради екстремната топлина бидејќи „пругите не можат да издржат температури над 50 степени Целзиусови“.

Таа рече дека прекините во јавниот превоз во регионот се неизбежни и ги повика патниците да проверат „дали нивниот воз навистина вози“ за да избегнат непотребни патувања.

Министерката за здравство, семејство, автономија и лица со попреченост, Стефани Рист, рече дека не е сигурно кога ќе заврши топлотниот бран.

„Не знаеме со сигурност кога ќе се намалат температурите. Може да биде кон крајот на неделата, но засега не можеме да го потврдиме тоа“, рече Рист.

Таа рече дека наредните денови ќе бидат „многу, многу жешки“ и дека „многу граѓани ќе страдаат“, особено „изолираните луѓе“ и постарите лица.

ИЗДВОЕНИ