среда, ноември 11, 2026
Дома СВЕТ Кремљ му врти грб на Брисел, а отвара врата за Вашингтон; Песков:...

Кремљ му врти грб на Брисел, а отвара врата за Вашингтон; Песков: Европа не покажува волја за мир, разговорите со САД продолжуваат

0
EPA/ALEXANDER ZEMLIANICHENKO / POOL

Изјавите на европските претставници засега не покажуваат никаква желба од нивна страна да придонесат кон напредок во насока на мирно решавање на конфликтот во Украина, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.

Според него, Москва во моментов нема конкретна претстава за тоа како би можел да изгледа дијалогот со европските земји, но во одредена фаза, ова прашање несомнено ќе се најде на дневен ред.

Истовремено, Песков потврди дека Русија ќе продолжи со контактите со Соединетите Држави.

Тој нагласи дека прашањето за решавање на украинскиот конфликт, на еден или друг начин, е присутно на дневен ред во контактите на високо ниво меѓу Москва и Вашингтон.

Песков исто така истакна дека претставници од европските земји не учествувале во преговорите во Абу Даби; како што беше планирано и договорено, овие разговори се одржаа исклучиво во трилатерален формат, со учество на делегации од Русија, САД и Украина.

Во врска со преговорите, портпаролот на Кремљ изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ќе добие детален извештај за нивниот исход.

Песков се осврна и на можноста Путин да присуствува на претстојниот самит на Г20 во Мајами, напоменувајќи дека конечната одлука за неговото патување сè уште не е донесена.

Јуриј Ушаков, помошник на рускиот претседател, не ја исклучи можноста специјалните пратеници на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, повторно да ја посетат Москва.

„Не ја исклучувам можноста тие да дојдат во Москва“, изјави Ушаков за каналот на „Телеграм“ – „Јунашев лајв“ (Yunashev Live), одговарајќи на прашањето дали Виткоф и Кушнер ќе патуваат во руската престолнина.

ИЗДВОЕНИ