Капитенот на евролигашот Партизан, Вања Маринковиќ, е во завршна фаза од рехабилитацијата по сериозната повреда, а според неговите процени, би можел да се врати на теренот кон крајот на октомври или почетокот на ноември. Тој откри дека се чувствува одлично, но конечната одлука за неговиот настап ќе биде донесена по дополнителните лекарски прегледи во Финска, каде што беше извршена операцијата. По добивањето дозвола, ќе му биде потребно одредено време за да се врати во натпреварувачка форма.
- Искрено, одлично се чувствувам. Процените се дека ќе се вратам некаде кон крајот на октомври или почетокот на ноември. Тоа е прелиминарниот план, но не држете ме за збор. Најважно е што се чувствувам одлично – изјави капитенот на „црно-белите“.
Додека заздравува, тој внимателно го следи создавањето на новиот тим на Партизан. Тој е задоволен од новите засилувања, но истовремено предупредува дека не треба да се очекуваат резултати прекуноќ.
Според него, новите играчи брзо се вклопиле во екипата и добро знаат во каква средина пристигнале. Сепак, потребно е време за да се создаде вистинската хемија и за да се постави стабилна основа за сезоната.
- Не треба да се очекува моментален бум уште на самиот почеток, бидејќи не е реално тоа. Најважно е добро да се стартува и да се постави цврста основа. Сè друго потоа ќе биде полесно – порача Маринковиќ.
Тој неодамна го продолжи договорот со Партизан и покрај тешката повреда, а сега откри дека во еден момент сериозно размислувал да го напушти. Повредата, болката и стресот од претходната сезона му создале огромен психолошки товар.
- Потоа – мислам дека беше сабота – имав чувство како да сакам да се запалам. Да ме прашавте тогаш, ќе речев дека си заминувам следниот ден. Веројатно, секој разумен човек би постапил исто – откри капитенот.
Иако размислувал за заминување, решил да остане бидејќи не сакал да заврши неговата приказна во Партизан по таков тежок период. Неговата желба била прво целосно да закрепне, повторно да игра и евентуално еден ден да замине во многу подобри околности.
Сега, сепак, гледа напред. Вели дека најтешкиот период е зад него, операцијата поминала одлично и дека повеќе нема причина за стрес. Негова главна цел е целосно да заздрави и што побрзо да му се стави на располагање на Партизан.











