По долгогодишно истражување, пилотот и хроничар на македонското воздухопловство, Ѓорѓи Чачкиров, ја објави книгата „Сага за летот на Илинденка“, посветена на легендарната македонска едрилица и на единственото домашно воздухопловно претпријатие, „20 Мај“ – Скопје. Истражувањето и издавањето ги финансирал од сопствената пензија, бидејќи институциите не покажале интерес да ја зачуваат оваа значајна страница од македонската историја. Со книгата, како што вели, сака трајно да го сочува сеќавањето на „Илинденка“ и на луѓето што го поставиле темелот на македонското цивилно воздухопловство

По долги години заборав, пилотот, истражувач и хроничар на македонското воздухопловство, Ѓорѓи Чачкиров, ја овековечи славната македонска воздухопловна едрилица именувана како „Илинденка“. Имено, без многу најави и публицитет, во кругот на мал број пријатели и љубители на воздухопловството, ја промовираше историската книгата „Сага за летот на Илинденка“. Таа е плод на неговото долгогодишно истражување за еден од основоположниците на македонското воздухопловство, за единственото македонско воздухопловно претпријатие „20 Мај“ – Скопје, како и за производството и летањето на „високоспособната“ едрилица „Илинденка“ произведена во спомнатото претпријатие.

Според Чачкиров, ова било тешко и макотрпно истражување со оглед на фактот што самиот не ја летал оваа воздухопловна едрилица, како и фактот што не постојат многу сочувани документи и сведоштва за создавање на оваа своевидна монографија.

– За дел од оваа значајна македонска воздухопловна „приказна“, беа објавувани повеќе написи и разговори со мене, но оваа воздухопловна сторија не допре до државните и градските институции, па и тие да побараат и да овозможат издавање на своевидна историска приказна за нашата славна едрилица „Илинденка“. Tоа го направив јас самиот, истражував и финансирав од својата пензија за оваа публикација, барем во мал број, да го види светлото на денот и да ги збогати македонските библиотеки со уште една историска воздухопловна сторија – вели Чачкиров за весникот ВЕЧЕР.

Воздухопловното претпријатие „20 Мај“ – Скопје, формирано уште во 1950 година, а на почетокот на шеесеттите години од минатиот век е трансформирано во познатата фабрика за алуминиумски производи „Алумина“ – Скопје. Пред повеќе години, и таа е целосно урната. Чачкиров се присетува дека во скопскиот земјотрес 1963 година, како и со трансформацијата на ова единствено македонско воздухопловно претпријатие, неповратно се изгубени и најголем дел оригиналните документи за ова претпријатие, а посебно за производството на едрилици.

– Од друга страна, двете едрилици од типот „Илинденка“ кои беа во сопственост на некогашниот Воздухопловен сојуз на Македонија и летаа на овој македонски простор, биле целосно уништени во 1969 година. Другите две едрилици од типот „Илинденка“, кои летаа во соседна Србија, се чуваа во депото на некогашниот Музеј на југословенското воздухопловство, но без сочувана конструкторската, односно градбена и друга документација – вели Чачкиров.

Инаку, воздухопловната едрилица „Илинденка“ е прва едрилица од категоријата „високоспособни“, произведена во претпријатието „20 Мај“ – Скопје, изработена со дрвена конструкција. Таа била оспособена и одобрена да ги „работи“ сите акробации. Чачкиров нагласи дека како таква, „Илинденка“ била избрана да биде една од едрилиците на тогашната југословенска репрезентација која учествувала на Светското едриличарство првенство во Полска, во 1958 година. Подоцна, во ова претпријатие е произведена и „Илинденка 2“, која била изработена со метална конструкција, но не ја доживеала славата на претходничката.

– По долги години, на прославата на 100-годишнината од скопскиот аероклуб, времено беше донесена од Белград една од едрилиците „Илинденка“. Тука беше реставрирана и изложена во хангарот на аеродромот во Стенковец. По една година, таа беше вратена во некогашниот Музеј на југословенското воздухопловство, сега Воздухопловно-технички музеј Београд. За нејзиното доаѓање беше организиран величествен дочек, а само мал број ветерани ја испратија кон вечниот дом каде што е прогласена за национална вредност – богатство. Наспроти тоа, и додека таа беше овде, не се организира нејзино посебно прикажување и слично – кажува Чачкиров.

Поради тоа што „Илинденка“ не ја доби промоцијата што ја заслужува, Чачкиров решава да ја овековечи со оваа публикација, и како што вели „наспроти 2028 година, кога Скопје ќе биде град на културата“.

– Во таа насока сум сосема сигурен дека ќе има такви посетители кои ќе се интересираат за македонското цивилно воздухопловство или за историските случувања – вели тој.

За жал, заради малиот тираж, таквите посетители ќе мораат да ја побараат оваа негова публикација во националните библиотеки, доколку во меѓувреме не се појави интерес кај градот Скопје или во државата, таа да се испечати во поголем тираж и да биде широко достапна во книжарниците и слично.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ