Во рамките на Европската недела на мобилноста, денеска граѓани од различни возрасни групи и лица со попреченост ја истражуваа Битола за да видат колку е пристапен градoт, колку е безбеден и приспособен на различните начини на движење.
– Во првиот дел, „Мапирање на мобилноста”, основци, средношколци и студенти, со своите ментори, се движеа по различни градски патишта и мапираа што е проодно, каде има пречки и што може да се подобри. Во вториот дел, „Битола во движење”, се придружија различни генерации и различни корисници на градскиот простор – велосипедисти, корисници на тротинети, постари лица и лица со попреченост. Активностите завршија пред Офицерскиот дом, каде што се собраа за дружење и за споделување на искуствата од мапирањето, со цел создавање на нашата „Визија за Битола“ – идеи од младите и од граѓаните за град во кој полесно, побезбедно и порамноправно се движиме сите – соопштија од Општина Битола.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ја поздрави оваа иницијатива што подразбира мапирање на Битола.
– Како локална самоуправа, неуморно работиме на подобрувањето на уличната инфраструктура од аспект на безбедноста, пристапноста и на мобилноста. Општината имаше објавено јавен повик за искористување средства за адаптација на пристапноста, мобилност и функционалност на лицата со попреченост до и во нивниот дом. Исто така, Битола првпат доби велосипедски патеки во должина од пет километри, а се работи и на нови траси. Мобилноста не е иста за сите. Она што е лесен и прооден пат за еден граѓанин, за друг може да биде сериозна пречка. Затоа реализиравме многу идеи и предлози досега, токму тргнувајќи од потребите на граѓаните и така ќе продолжиме – истакна Коњановски.












