Трамп објави пауза на „Проект Слобода“ за отворање на Хормускиот Проток „за да се види дали може договорот да се финализира и да се потпише“, не исклучувајќи ја можноста за продолжување на бомбардирањата ако Иран го прекрши примирјето или ако пропаднат преговорите. Рубио, пак, рече дека уште во петокот Конгресот бил известен дека е завршена операцијата „Епски бес“ против Иран, но претседателот јасно ставил до знаење дека дел од процесот на преговори не мора да биде само збогатувањето ураниум туку и „што се случува со тој материјал, кој е некаде многу длабоко под земја“. Иранската новинска агенција ИРНА објави пораз на Америка и наведе дека ова била последната карта на Доналд Трамп
Американскиот претседател, Доналд Трамп, објави пауза на „Проект Слобода“ за отворање на Хормускиот Проток, државниот секретар Марко Рубио објави дека операцијата „Епски бес“ против Иран е завршена, а Иранците, пред да дочекаат официјален став за овие објави, почнаа да слават. Дали навистина е на повидок крајот на војната што ја почнаа САД и Израел против Иран на 28 февруари или само се менува тактиката?
– Заемно се согласивме дека, иако блокадата ќе остане на сила, „Проект Слобода“… ќе биде на пауза за кратко време за да се види дали може договорот да се финализира и потпише – напиша Трамп на социјалните медиуми, за потоа да додаде дека не ја исклучува можноста за продолжување на бомбардирањата ако Иран го прекрши примирјето или ако пропаднат преговорите.
Само неколку часа претходно, американскиот државен секретар, Марко Рубио, ги информираше новинарите во Белата куќа за напорите да им се дозволи на танкерите во Персискиот Залив да поминат низ Хормускиот Проток. Тој рече дека операцијата „Проект Слобода“ за отворање на протокот е со помал обем и различна од оригиналниот план за борба. Рубио го опиша тој проект како одбранбена операција и додаде дека САД нема да дејствуваат воено, „освен ако не пукаат во нас“. Тој, исто така, потврди дека САД ги постигнале своите цели во воената операција против Иран и дека е завршена операцијата „Епски бес“.
– Операцијата „Епски бес“ е завршена. Како што претседателот го извести Конгресот, завршивме со таа фаза – им рече Рубио на новинарите во Белата куќа, додавајќи дека САД ги постигнале целите на воената операција.
Тој објави дека во петокот Трамп испратил писмо до Конгресот, во кое ги прогласил борбите против Иран за завршени. Во писмото се вели дека немало борби помеѓу двете земји откако почна прекинот на огнот на 7 април. Рубио додаде дека САД продолжуваат да истражуваат можно дипломатско решение за војната со Иран.
– Стив Виткоф и Џаред Кушнер работат многу напорно на тоа. Доколку постои вистински дипломатски пат, тој би можел да го одведе Иран до реконструкција, просперитет, стабилност и до тоа повеќе да не претставува закана за светот. Целта на дипломатските напори е да се воспостави одредено ниво на разбирање за тоа за кои прашања е подготвен Иран да преговара. Не мора да имаме договор напишан за еден ден, ова е многу сложено – рече Рубио.
Тој навести дека САД не се откажуваат од барањето Иран да престане со збогатувањето ураниум, објаснувајќи дека Трамп јасно ставил до знаење дека дел од процесот на преговори не мора да биде само збогатувањето ураниум туку и „што се случува со тој материјал, кој е некаде многу длабоко под земја“. Ставајќи ја операцијата „Проект Слобода“ на пауза, Трамп уште еднаш кажа дека САД и Иран се блиску до договор.
По овие изјави, кои насочуваат кон тоа дека доаѓа крајот на конфликтот, Техеран не реагираше веднаш, а остана нејасно и тоа колку ќе трае големата пауза за која зборуваше Трамп. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, во средата, од Кина, каде што е во посета, кажа дека Иран ќе прифати само „фер и сеопфатен“ договор со САД. Сепак, иранските медиуми веќе ја претставија најавата од американска страна како голема победа за Иран. Агенцијата „Тасним“ во средата изутрина објави дека американскиот претседател се обидува да го „прикрие неуспехот“ на операцијата, а новинската агенција ИРНА ја нарече најавата пораз за Америка и наведе дека ова била последната карта на Доналд Трамп.
Пакистанскиот премиер, Шехбаз Шариф, му се заблагодари на Трамп за „навремената одлука“ за привремено суспендирање на операцијата „Проект Слобода“. Тој рече дека „великодушниот одговор“ на Трамп на барањата на Пакистан и на Саудиска Арабија „многу ќе придонесе за регионалниот мир, стабилноста и помирувањето во овој чувствителен период“ и додаде дека Пакистан останува „цврсто посветен на поддршка на сите напори што промовираат воздржаност и мирно решение“.
„Проект Слобода“ беше дводневен обид на САД да ги следат бродовите низ Хормутскиот Проток. Според британската поморска агенција УКМТО, од почетокот на војната со Иран на Блискиот Исток, биле регистрирани 26 напади врз бродови, а на 28 февруари, кога почна нападот на Иран, биле добиени вкупно 46 извештаи за инциденти во и околу Персискиот Залив, Оманскиот Залив и Хормускиот Проток. Од нив, 26 биле поврзани со напади, додека „сомнителна активност“ била пријавена во 18 случаи. Биле регистрирани и два случаи на киднапирање бродови.
Глобалните пазари веднаш реагираа на одлуката на Доналд Трамп да ја стави операцијата „Проект Слобода“ на пауза. Најновиот сигнал за перспективите за мир со Иран во средата предизвика пад на цената на нафтата од 113 на помалку од 108 долари за барел.












