среда, ноември 4, 2026
Дома СВЕТ Важен доказ за несреќата на Флорида: Дел од авионот пронајден на 6...

Важен доказ за несреќата на Флорида: Дел од авионот пронајден на 6 километри од местото на падот – дали последниот обид на младата пилотка ја запечатил судбината на „Лирџетот“?

0
Foto: Pexels

Дел од авионот „Лирџет“ (Learjet), кој во неделата се урна на Флорида, при што загинаа сите девет лица во него, е пронајден на речиси шест километри од местото на несреќата. Истражителите во вторникот потврдија дека леталото почнало да се распаѓа уште пред да удри во земјата, пренесува „Асошиејтед прес“.

Том Чапман, член на Националниот одбор за безбедност во транспортот (NTSB), изјави дека голем дел од левиот хоризонтален стабилизатор – компонента на опашката што служи за контрола на наклонот на авионот – е пронајден во три одделни парчиња, на растојанија од два до 6,1 километар од местото на падот во Гринакрес, во близина на Вест Палм Бич.

„Сè уште не знаеме точно што значи ова во однос на причината за губењето на контролата врз леталото – конкретно, дали одвојувањето на овој дел било причината или пак последица од силите што дејствувале врз авионот“, изјави Чепмен на прес-конференција.

Тој објасни дека без функционално кормило за висина, пилотот не би можел да го извлече „Лирџетот“ (Learjet) од стрмно понирање.

„При такви брзини, не сум сигурен дали тоа би било возможно дури и ако делот останел прицврстен за авионот; сепак, фактот што тој се одвоил претставува клучен доказ, кој нè упатува кон други аспекти што бараат истрага“, додаде Чепмен.

Временските услови ќе бидат главен фокус на почетната истрага, повтори Чепмен во вторникот. Леталото почнало стрмно да понира откако копилотот пријавил наталожување мраз на авионот, како и силни турбуленции, токму во моментот кога „Лирџетот“ навлегол во буреносен систем што брзо се развивал.

Експертот за безбедност во воздухопловството, Џеф Гузети, изјави за АП дека деловите што се одвоиле од леталото најверојатно биле последица на понирањето, а не негова причина. Според Гузети, фактот што овие делови се пронајдени на само неколку километри од местото на падот, укажува на тоа дека тие се одвоиле од авионот на помала височина. „Да отпаднеле тие делови додека авионот сè уште бил на голема височина, тие би паднале многу подалеку од местото на несреќата“, објасни Гузети.

Од поединечните кадри на видеоснимката се чини дека целиот хоризонтален стабилизатор недостасувал на врвот од опашката на авионот, непосредно пред ударот во земјата.

Поранешниот член на NTSB, Џон Гоглија, изјави дека податоците за следење на летот покажуваат оти леталото накратко се стабилизирало на височина од приближно 2.438 метри – односно 8.000 стапки – во траење од околу осум секунди, пред повторно да почне да се спушта кон земјата.

Гоглија смета дека клучни делови од опашката најверојатно се откинале во моментот кога капетанот нагло се обидел да го подигне носот на авионот.

„Се чини дека леталото успеало накратко да се стабилизира на височина од 8.000 стапки. Притоа, пилотот најверојатно ја преоптоварил конструкцијата на опашката, што довело до одвојување на хоризонталниот стабилизатор од авионот“, рече Гоглија.

ИЗДВОЕНИ