недела, јуни 21, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Цената на струјата нема да ја одредуваат административните одлуки, туку понудата и...

Цената на струјата нема да ја одредуваат административните одлуки, туку понудата и побарувачката

Со воведувањето на интрадеј-пазарот, земјава прави значаен чекор кон модернизација на енергетскиот сектор, поефикасно управување со електроенергетскиот систем и забрзана интеграција со европските енергетски пазари, а властите очекуваат и подобри услови за инвестиции во обновливите извори на енергија и поголема стабилност на пазарот на струја. Новиот модел на тргување треба да овозможи побрзо балансирање на производството и потрошувачката на електрична енергија, како и појасни ценовни сигнали за сите учесници на пазарот

762

Стартуваше тргувањето на „пазарот во тековниот ден“ (Intraday Market). Директорот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, со ѕвончето го означи почетокот на тргувањето на новиот пазар. Тој порача дека со отворањето на овој пазар се отвора нова енергетска перспектива за државата, перспектива што значи стабилност, доверба и развој. Премиерот Христијан Мицкоски, на стартот на пазарот на струја во тековниот ден, изјави дека ова претставува сериозен чекор кон модерна, стабилна и европски усогласена енергетика, како и чекор кон интеграција со европските енергетски пазари.

– Во време кога енергетиката е едно од најважните прашања за секоја држава, нашата обврска е да создадеме систем што ќе биде сигурен, конкурентен и отпорен на глобалните предизвици. Интрадеј-маркет го овозможува токму тоа. Со оваа платформа добиваме поголема флексибилност во управувањето со електроенергетскиот систем, подобро балансирање и поефикасно користење на енергијата во реално време. Ова е особено важно во период кога целиот европски континент минува низ процес на енергетска трансформација. Нашата држава не смее да стои настрана. Напротив, мора да биде активен дел од европските енергетски текови и политики – рече Мицкоски.

Тој додаде дека со воведувањето на интрадеј-тргувањето, МЕМО уште еднаш потврдува дека поседува капацитет, знаење и професионалност да биде модерен и доверлив партнер на пазарот.

Директорот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, рече дека пазарот „ден однапред“ е директен одговор на динамичните потреби на современото општество. Тој нагласи дека електричната енергија е специфичен производ што се произведува и троши во ист момент, поради што системот мора постојано да биде во баланс.

– Пазарот „ден однапред“ е одговор на динамичните потреби на современото општество. Цената на организираниот пазар не се одредува административно, туку преку понудата и побарувачката. Ова не е само принцип – ова е предуслов за функционален систем. Јасниот ценовен сигнал е клучен за сите учесници. Тоа овозможува правилна распределба на ресурсите, подобро управување со ризиците и носење рационални инвестициски одлуки. Без ваков сигнал – нема ефикасност, а без ефикасен пазар – нема одржлив енергетски систем. Ова е особено важно во контекст на инвестициите во обновливи извори на енергија – рече Ѓорѓиевски.

Тој се осврна и на предизвиците, посочувајќи дека новите регулаторни механизми, како CBAM, може да создадат дополнително финансиско оптоварување за домашните производители, особено за оние што веќе инвестираат во зелената енергија.

– Македонија не е енергетски остров. Ние сме дел од европскиот енергетски систем и потребни ни се забрзана интеграција и отстранување на бариерите за слободна трговија – рече Ѓорѓиевски.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека воведувањето на „пазарот во тековниот ден“ не е крајната дестинација.

– Ова е само почетната станица за нашето целосно интегрирање во европското енергетско семејство. Во следниот период ќе продолжиме со следните чекори: понатамошно развивање на пазарните механизми, продлабочување на регионалната соработка и приклучување кон процесите на спојување на пазарите во Европа – истакна Божиновска.

Во рамките на настанот беше нагласено дека воведувањето на интрадеј-пазарот претставува клучен чекор кон модернизација на енергетскиот сектор, поголема интеграција со европските пазари и унапредување на ценовните сигнали како основа за ефикасно функционирање на пазарот.

Настанот заврши со официјален почеток на работењето на интрадеј-пазарот. Со овој чекор, МЕМО ја потврдува својата улога како модерен оператор на пазарот на електрична енергија и активен чинител во европската енергетска интеграција.

Од МЕМО информираа дека е спроведен овој сервис во тесна соработка со стратешките партнери од БСП, потпирајќи се на глобално докажаната платформа М7 на „Дојче борзе“.

ИЗДВОЕНИ