Во организација на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп на 7 мај од 20:00 часот првпат ќе се одржи концерт на клавичембало – еден од најзначајните инструменти на барокната епоха, кој ги обликувал музичката мисла и изведувачката практика на 17 и 18 век, а е исклучително редок инструмент во Македонија, со само два функционални примероци во земјата, според достапните податоци.
Концертот, под наслов „Музиката на европските дворови на 17 век“, ќе го изведат: Јована Топалов (Србија), меѓународно образована чембалистка од Белград, со силна насоченост кон историски информираната изведба, и сопранот Ана Митоска (Македонија), која ѝ посветува значаен дел од својот уметнички репертоар на раната музика. Концертната програма нè води низ европските дворови на 17 век – од Англија, преку Австрија и Франција, до Шпанија. Ќе бидат изведени дела од Д. Скарлати, Ј. Ј. Фробергер, Е. Жаке де Ла Гер и Х. Персел. Концертот ги истражува богатството на барокниот музички израз и звучниот свет на европските дворови, а е тематско продолжение на минатогодишните концерти „Дулција сонант“.
Концертот e редок културен настан на македонската музичка сцена во целина и можност за доживување на барокниот звучен свет – чембало и глас – во живо.












