Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп планира да му продаде на Израел пакет муниција во вредност од 2,8 милијарди долари, кој вклучува десетици илјади тешки бомби – меѓу кои и 40.000 бомби со тежина од 907 килограми – според изјава на американски функционер запознаен со планираната продажба.
Пакетот вклучува 20.000 бомби од типот МК-84 и 20.000 бомби од типот BLU-117, изјави функционерот.
Новинските агенции известуваат дека планираната продажба веќе е неофицијално претставена пред соодветните комисии во Конгресот, кои ги разгледуваат големите продажби на американско оружје на странски држави.
Продажбата се одвива во услови на растечки поделби во американската јавност во врска со поддршката што Вашингтон му ја дава на Израел во војната во Газа.
Според анкетата спроведена во јуни од Универзитетот Квинипијак, 48 отсто од американските гласачи сметаат дека САД му пружаат преголема поддршка на Израел – став што го делат 66 отсто од демократите. Кога истото прашање беше поставено во 2017 година, таков став имале 16 отсто од сите гласачи и 20 отсто од демократите.
Израелските сили користеле бомби од 907 килограми и во Газа и во Либан, што предизвика критики од организациите за човекови права и од експертите поради последиците од нивната употреба во густо населени области.
Според здравствените власти во Газа, повеќе од 73.000 Палестинци се убиени во израелската воена кампања.
Истрагата на Обединетите нации (ОН) заклучи дека Израел извршил геноцид во Газа – обвинување што Израел го отфрла.
Во исто време, конфликтот на Блискиот Исток се прошири и го вклучи Иран. САД и Израел извршија напади врз Иран на 28 февруари, по што Техеран возврати со напади врз Израел и врз земјите од Заливот во кои се сместени американски воени бази.
Според извештаите, во американско-израелските напади врз Иран, како и во израелските напади во Либан, загинале илјадници луѓе, а милиони жители биле раселени.












