| Повеќе од една недела по почетокот на двонеделното примирје нема војна, но нема ни мир |
САД и Иран се подготвуваат да се вратат во Пакистан за нова рунда мировни преговори, објави „Ројтерс“ повикувајќи се на четири извори.
Новата рунда преговори во Исламабад, според тие извори, би требало да продолжат подоцна оваа недела, откако првата рунда во саботата заврши без успех. Сепак, извори велат дека двете страни ја оставиле отворена вратата за продолжување на дијалогот. За „Ал џезира“ тоа го потврди пакистански претставник, кој рече дека дипломатските контакти меѓу сите страни сè уште се во тек. Тој додаде дека Пакистан е подготвен да биде домаќин на мировниот процес во онолку рунди колку што е потребно.
Во тие преговори, вклучување најави и Кина, и тоа со конкретен предлог. Кинеските државни медиуми објавија дека претседателот Шји Џинпинг презентирал предлог од четири точки за постигнување мир и стабилност на Блискиот Исток. Како што објави агенцијата „Хсинхуа“, предлогот вклучува почитување на принципот на мирен соживот, почитување на националниот суверенитет, почитување на меѓународното право и хармонизација на развојот и на безбедноста. Овој предлог Шји го објави на состанокот во Пекинг со еден од клучните политички актери од Обединетите Арапски Емирати, престолонаследникот на Абу Даби, шеикот Халед бин Мохамед бин Зајед Ал Нахјан. Вчера, во Пекинг, пристигна и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој со својот колега Ванг Ји ќе разговара за зајакнување на соработката, вклучувајќи ја и војната на Блискиот Исток. Следниот месец, американскиот претседател Доналд Трамп треба да се сретне со Шји во Пекинг, откако состанокот беше одложен поради војната со Иран.
Кина е заинтересирана за завршување на војната на САД и Израел против Иран, зашто трпи индиректни последици од неа. Извозот на земјата значително забави во споредба со претходните два месеца, првенствено поради зголемената неизвесност и влијанието на конфликтот врз цените на енергијата и глобалната побарувачка. Кина досега беше домаќин на голем број лидери на земји погодени од војната и нејзините економски последици.
Но, Белата куќа не открива дали се разгледуваат нови преговори со Иран.
– Претседателот Трамп, потпретседателот Венс и преговарачкиот тим, јасно ги дефинираа црвените линии на Америка, изјави портпаролката Каролин Ливит, додавајќи дека „очајот на Иран да постигне договор само ќе расте со оглед на исклучително ефикасната поморска блокада што ја воспостави претседателот Трамп.
Претходно Трамп им изјави на новинарите дека биле контактирани од другата страна и дека сакаат да постигнат договор.
Клучниот спор во преговорите меѓу САД и Иран е периодот во кој Техеран треба да го запре збогатувањето на ураниум, пишува „Њујорк тајмс“. Во 21-часовните преговори во саботата, Иран предложил суспензија на ураниумот за период од пет години, додека САД инсистираат на 20 години.
Блокадата на иранските пристаништа што САД ја воведоа околу пладне во понеделникот продолжи и вчера, и покрај многуте повици, меѓу кои и на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, да прекине. По воведувањето на блокадата, и повеќе од една недела по почетокот на двонеделното примирје договорено меѓу САД и Иран, ситуацијата е опишана како состојба без војна, но и без мир – кревко примирје.
Сепак, надежите за нови преговори што ги даде Пакистан, одиграа значајна улога: цената на нафтата малку падна, но како што пишува „Гардијан“ тоа е значајно поместување, зашто повторно е под 100 долари за барел.












