Смена на пејачките во популарната новосадска женска група!
По 17 години успешна кариера, бројни хитови и концерти во поранешна Југославија, добро познатата русокоса Наташа Михајловиќ ја напушти новосадската женка група „Фрајле“. На нејзино место дојде, исто така, атрактивната новосаѓанка Славица Љујиќ. За ова долго, топло лето, новиот состав најавува и настапи кај нас, во Македонија, кои ќе бидат премиерни за Славица. Групата редовно пее во Македонија, а ќе останат запаметени нивните извонредни есенски концерти во Скопје, во Македонската филхармонија. Инаку, Славица е и актерка, која публиката веќе ја познава од телевизиските серии „Игра судбине“ и „Ургентни центар“, како и од мегапопуларниот хумористичен интернет-проект „Цаца и Уки“. Нејзината повеќеслојна уметничка кариера, која опфаќа глума, пишување и сценски настап, природно се вклопува во автентичниот уметнички израз на бендот. Така што Јелена, Нена и сега Славица продолжуваат понатаму со настапите, со освежена, нова енергија.
– Најважен ни е оној човечки фактор, бидејќи отсекогаш сме биле и група и семејство. Од љубов го создадовме сето ова и од љубов продолжуваме понатаму. Оваа промена, за нас, е нов почеток –порачуваат веселите членки на „Фрајле“.
Тие веќе работат во студио, на нова песна, иден летен хит, која авторски ја потпишува Нена Невена. Неодамна имаа хуманитарен концерт во Белград, а продолжуваат да работат и на други проекти: од едукативниот центар „Фрајла“, преку работилниците за глас, сценски настап и јавно говорење, до нови креативни содржини, меѓу кои е и „Фрајле – боем“.
– Сè уште ја имаме истата страст кон музиката, концертите и кон публиката. Додека така ни чука срцето, знаеме дека сме на вистинскиот пат – велат шармантните членки на „Фрајле“. (Д. М.)












