Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) соопшти дека Русија ги дуплирала приходите од извоз на нафта во март, благодарение на конфликтот на Блискиот Исток.
ИЕА во својот месечен извештај наведува дека извозот на руска сурова нафта се зголемил за 270.000 барели дневно во март, во споредба со февруари, достигнувајќи 4,6 милиони барели дневно, првенствено поради зголемувањето на поморските испораки, бидејќи нафтоводот „Дружба“ останува надвор од употреба.
Агенцијата соопшти дека приходите од извозот на руска нафта и нафтени производи речиси се дуплирале на 19 милијарди долари во март, во споредба со 9,75 милијарди долари во февруари, поради повисоките глобални цени на нафтата.
Се додава дека производството на руска сурова нафта се зголемило на 8,96 милиони барели дневно минатиот месец, во споредба со 8,67 милиони во февруари.
Сепак, ИЕА соопшти дека Русија би можела да се бори да го зголеми производството над нивоата забележани на почетокот на првиот квартал поради штети на пристанишната и енергетската инфраструктура.
Руските пристаништа на Балтичкото и Црното Море, како и рафинериите, постојано се оштетуваат во нападите со украински беспилотни летала.
Глобално, војната на Блискиот Исток доведе до „најсериозен шок во снабдувањето со нафта во историјата“, со загуба од 10 милиони барели дневно во март, се вели во извештајот на организацијата со седиште во Париз.
„Се очекува глобалната побарувачка за нафта да се намали за просечно 80.000 барели дневно во 2026 година“, се додава во месечниот извештај, откако во претходниот извештај беше предвиден пораст од 730.000 барели дневно.












