Каспер Руд му честиташе на Јаник Синер за историската титула во Рим, но успеа и да се пошегува за италијанскиот фудбал во текот на церемонијата.
Норвежанецот го загуби финалето на мастерсот во два сета, по што ги пофали Синер и италијанскиот тенис, кој моментално минува низ, можеби, најдобриот период во историјата.
- Ти честитам што испиша историја за себе, твојата земја и за твојот тим. Фантастична победа! Она што го прави Јаник е неверојатно, но зад него се уште шест, седум, осум одлични играчи, кои победуваат во тенисот – истакна Руд.
Но потоа се пошегува, што предизвика смеа на трибините.
- Знам дека фудбалот е малку поинаква приказна во моментов – рече Руд со насмевка.
Норвежанецот потоа се потсети на тешките порази на Италија од Норвешка, во квалификациите за Светското првенство.
- Кога загубивте од Норвешка, можевме малку да се пошегуваме – додаде Руд.
Италија ги загуби двата натпревари од Норвешка минатата година: 3:0 во Осло и 4:1 во Милано, а потоа не успеа да се квалификува за Светското првенство во 2026 година, откако беше елиминирана во плејофот од Босна и Херцеговина. Ова значи дека „аѕурите“ се надвор од Светското првенство третпат по ред.
Интересно е што Џовани Малаго, еден од кандидатите за претседател на Италијанската фудбалска федерација, исто така го следеше финалето во Рим, од трибините.











