Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп тивко се откажа од предлогот да се искористат деловни зделки за да се поттикне Русија да ја прекине војната во Украина, откако Москва покажа мал интерес за предложените проекти во енергетскиот и авијацискиот сектор, објави „Фајненшел тајмс“ денеска.
Пратениците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, им соопштиле на европските претставници дека деловната соработка повеќе не е клучна компонента од американската понуда до Русија, пренесува „Фајненшел тајмс“, повикувајќи се на петмина функционери запознаени со промената во пристапот.
Белата куќа сè уште нема одговорено на барањето за коментар од агенцијата „Ројтерс“, а агенцијата не можеше независно да ги потврди овие тврдења.
Високи руски и американски претставници, вклучително и Кушнер, разговараа за можноста за вклучување американски инвеститори во гасоводите „Северен тек“ – преку кои се испорачуваше гас за Германија пред руската инвазија на Украина – објави „Ројтерс“ во октомври. Кушнер, кој се обидува да посредува за примирје меѓу Русија и Украина и ја смета деловната соработка за клучна за воспоставување мир, исто така изнесе идеи за периодот по војната, како што се инвестиции од американски компании во руски проекти за производство на нафта и титаниум, наведува „Фајненшел тајмс“.
Руските претставници првично реагираа позитивно на американските предлози, но Москва подоцна го промени ставот, бидејќи инсистира Украина да отстапи територија и да прифати други отстапки – што за Киев е неприфатливо – во замена за мир, додава весникот.
„Стана сосема јасно дека Русите не се заинтересирани за такво нешто“, изјавил еден од функционерите за весникот. Во октомври, администрацијата на Трамп привремено ги олесни американските санкции за руските горива – воведени со цел да ѝ се скратат на Москва приходите за војната против Украина – откако Русија се согласи да го снабдува глобалниот пазар со дизел, со цел да се намалат цените на горивата.












