Министерот за спорт, Борко Ристовски, оствари средба со претседателот на Судиска комисија на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), Артуро Ди Џакомо, кој в сабота во Скопје, ќе биде специјален гостин – предавач на Семинарот за судии и делегати во организација на Судиската организација при Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).

Покрај Ди Џакомо на средбата присуствуваа и генералниот секретар на ОФМ, Филип Деспотовски, како и претседателот на СО при ОФМ, Влатко Ристовски и членот на ПСО, Јосип Христов.

„Европските искуства и знаења се важен придонес за развојот на македонската одбојка и унапредувањето на професионалните стандарди. Континуираната едукација на судиите и делегатите е од големо значење за поквалитетни натпреварувања и усогласување со европските стандарди. Министерството за спорт останува посветено на поддршката на иницијативите што придонесуваат за развој на одбојката, унапредување на стручниот кадар и размена на знаења и искуства со европските спортски институции“ – истакна министерот Борко Ристовски.

Како прв човек на Европската судиска комисија, Артуро Ди Џакомо в сабота, во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје ќе одржи предавања за новите официјални правила на одбојката, кои беа тестирани во текот на летото, а ќе започнат да се имплементираат во новата натпреварувачка сезона.

ИЗДВОЕНИ