Преку четиристотини млади и гости од повеќе европски земји ќе земат учество на годинашното 14. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ што ќе се одржи од 24 до 29 септември во Скопје.
Годинава, „Џифони Македонија“ ќе се одвива на темата „Невозможните нешта“, а прашањата кои се во фокусот се: што им изгледа невозможно на младите луѓе денес и дали невозможното е навистина граница или само нешто што сè уште не сме научиле да го замислуваме, разбереме или направиме.
– Следејќи го светот на генерацијата зет, но и на најмладата генерација алфа, свет кој се менува со огромна брзина, „Џифони Македонија“, годинава, отвора простор за приказни што се послоевити, похрабри и поблиски до сложената реалност на младите. Промените не се однесуваат само на возрасните граници – тие се одразуваат и во начинот на кој младите ги доживуваат филмовите, кратките видеоформати, медиумите и светот околу себе. И затоа целта е да се понудат филмови кои на денешните тинејџери ќе им се обратат со искреност и длабочина, почитувајќи ја нивната зрелост и нивната потреба за приказни во кои можат да ја препознаат сопствената сложена реалност, посочуваат од фестивалот.
Годинашната програма носи над 80 долгометражни и кратки филмови, распоредени во повеќе натпреварувачки програми.
Фестивалската публика и учесниците ќе имаат можност да ги следат натпреварувачките селекции за: најдобар долгометражен филм, најдобар краток филм, најдобар анимиран филм, најдобар филм направен од ученици од основните и средните училишта.
На фестивалот ќе бидат претставени и најновите кратки филмови на македонските автори Крсте Господиновски, Ханис Багашов, Трифун Ситниковски, Оливера Каменаровска, Лора Милошевска, Кирил Цеков и Фросина Захда.
Натпреварувачката програма ќе биде отворена со македонскиот игран филм „Скејбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума во киното „Фросина“ при МКЦ.
Од регионот, годинава, пристигнува и црногорскиот игран филм „Видра“, во режија на Срџан Вулетиќ, додека во јуниорската селекција ќе биде прикажан хрватскиот филм „Вториот дневник на Паулина П.“, во режија на Невен Хитрец.
Останатите долгометражни филмови доаѓаат од различни европски земји, додека краткометражната програма носи филмови од целиот свет. Фестивалот и годинава ќе овозможи директна средба меѓу младата публика и филмските автори.
– Четворица режисери на долгометражните филмови, по проекциите, ќе можат да разговараат со учесниците и ќе одговараат на нивните прашања. Токму овие средби се еден од клучните сегменти на „Невозможните нешта“ – филмот не завршува со одјавната шпица, туку продолжува низ дискусија, со прашања и размена на искуства, со што се поттикнува критичката мисла кај младите, посочуваат од фестивалот.
Покрај филмската програма, годинава, фестивалот нуди и 8 работилници, преку кои младите ќе имаат можност активно да создаваат, учат и да соработуваат.
– За учесниците, фестивалот не е само серија проекции и активности. „Џифони Македонија“ создава простор во кој младите од различни училишта, градови и земји се среќаваат, се запознаваат, разговараат, создаваат заедно и ги споделуваат своите погледи кон светот. И оваа година заедно со „Пакомак“ ќе се спроведува акцијата за селектирање и рециклирање, а како новитет се воведува и Еколаб работилница поддржана од Град Скопје. На оваа работилница, младите ќе ги рециклираат пластичните шишиња правејќи нови предмети со 3Д-печатач, додаваат од организацијата на фестивалот.
Фото: Фестивал „Џифони Македонија“












