Ризиците за финансиската стабилност во еврозоната остануваат високи, особено кај инвестициските фондови и другите небанкарски финансиски институции, предупреди Европската централна банка (ЕЦБ) во најновиот извештај објавен денеска.
Како главни ризици се посочуваат високите вредности на акциите на технолошките компании поврзани со вештачката интелигенција, зголеменото задолжување и неизвесноста на пазарите. Евентуален пад на вредноста на овие акции би можел да предизвика значителни загуби кај фондовите, а последиците да се прелеат и во банкарскиот сектор.
ЕЦБ предупредува дека околу половина од најголемите фондови во еврозоната што вложуваат во високоприносните корпоративни обврзници, немаат доволно ликвидни средства за да издржат големи повлекувања пари во кризно сценарио.
И покрај ризиците, банкарскиот сектор во еврозоната засега се оценува како отпорен, со солидна капитална позиција, ликвидност и профитабилност. Учеството на нефункционалните кредити во септември достигнало рекордно ниски 2,2 проценти.
Од ЕЦБ предупредуваат дека меѓусебната поврзаност на банките и небанкарските институции може да овозможи финансиските проблеми кај одредени фондови да се пренесат и на поширокиот финансиски систем.












