Љубителите на операта не можеа да посакаат подобар почеток на Мајските оперски вечери.
Светска во вузуелноста и воодушевувачка во вокалните интерпретации – во Националната опера и балет синоќа премиерно беше изведена операта „Риголето“ од Џузепе Верди, со што се отвори 53. издание на фестивалот за оперска уметност во нашата земја.
Со долг повеќеминутен аплауз и стоечки овации, воодушевувачки извици на браво фестивалската публика ги награди солистите, особено нашата оперска певица Aна Дурловски, Леон Ким и Марио Баг од Јужна Кореја, но и хорот и оркестарот на НОБ.
Заслужено големи аплаузи доби и целиот креативен тим на „Риголето“ од Италија, диригентот Џанлука Мартиненги, режисерот Пјер Франческо Маестрини и костимографката Кристина Ачети, како и сценографот Гилермо Нова од Шпанија.
Македонската сопранистка, првенка на Операта при НОБ Ана Дурловски со оваа претстава достојно го одбележа својот голем јубилеј – 25 години уметничка дејност. Таа, својата улога како Џилда, на публиката ѝ ја пренесе со голема емоција и беспрекорна изведба. Брилираа и гостите од Јужна Кореја Леон Ким (како Риголето) и Марио Баг (како Војводата од Мантова). Заедно со останатите солисти (Николина Јаневска, Владимир Саздовски, Игор Дурловски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски…), како и со хорот и оркестарот на НОБ на публиката (во околу три часа) ѝ ја донесоа трагичната приказната за грбавиот дворски шут Риголето и неговата ќерка Џилда. Таа несреќно се вљубува во Војводата од Мантова, убавец и женкар. Фрлената клетва врз Војводата и неговиот дворски шут Риголето, од дворјанин чија ќерка претходно била заведена од него со помош на Риголето, се остварува врз несреќната Џилда. Таа, обесчестена и очајна, си го жртвува животот за да го спаси Војводата од убиецот најмен од татко ѝ Риголето, кој сака да се одмазди за неправдата која ѝ нанесена.
Публиката уживаше во интерпретацијата на познатите арии од „Риголето“ наградувајќи ги изведувачите по секоја сцена, по секој од трите чина. На сцената покрај со вокалните интерпретации, солистите воодушевија и со храбрите и интересни актерски изведби моќно прикажувајќи ја приказната за несреќната љубов, за моќта, за развратноста, за одмаздата, за судбината.
А сценографијата на „Риголето“ – како од светските оперски куќи. Верно и живописно ја прикажа ренесансна Италија, и заедно со прекрасната костимографија, им ја долови на присутните како од високобуџетен филм. Со боите, формите, и уметничкиот впечаток (ренесансни слики, дрвен чамец,…) што го остави кај гледачот, од сцена во сцена, од чин во чин, ја засилуваше драмската напнатост на операта од игривост до трагичност. Со својот колорит, усогласеноста на боите, со ‘играта’ со платната кои доловуваа 3Д ефект, со перфектно илустрираните кулиси и бимовите, креираше прекрасна (весела, дворска, но и мрачна…) атмосфера која ги разбуди и исполни сетилата на публиката, изненадувајќи и воодушевувајќи ја до крај на претставата.
На свеченоста на отворањето кое се одвиваше во фојаето на НОБ
уметничкиот раководител на Операта Христо Саракинов рече дека звуците на триумфалниот марш од операта „Аида“ кои традиционално го означуваат почетокот на Мајските оперски вечери и оваа година ќе ја започнат едномесечната приказна раскажана од пет грандиозни оперски дела и еден балет.
-Тие претставуваат силен и препознатлив печат на репертоарот на нашата куќа, но истовремено и печат на оперската и балетската уметност во светски рамки, додаде Саракинов.
Директорот на Националната опера и балет (НОБ), Оливер Арсовски, пак, истакна дека мај е месец кој повеќе од пет децении е синоним на оперската уметност кај нас.
-Како централно случување на нашата целокупна годишна активност и оваа година Мајските оперски вечери ги обмисливме и креиравме во полн сјај и со особено префинета уметничка линија заради тоа што вие, нашата верна публика, која високо ја вреднува и континуирано ја поддржува нашата дејност со нетрпение очекувате да видите сè поубави, поуспешни и посовршени претстави. Внимателно одбраните наслови на најпопуларните музичко-сценски дела од европската литаература, домашните уметници, како и поканетите гости од Италија, Ерменија, Грција, Украина, Унгарија, Шпанија, Јужна Кореја, Србија, Кина и Австрија повторно ќе ја соединат својата креативна енергија на нашата сцена која со години е потврдена високо етаблирана платформа за презентација на современите уметнички дострели, додаде Арсовски којшто ги прогласи Мајските оперски вечери за отворени.
Фестивалскиот оган, пак, го запали Никола Гaгов (роден 1936)оперскиотпевец, првенецнаОператана МНТ, во пензија.
На отворањето на Мајските оперски вечери, покрај големиот број познати личности од културниот и општествениот живот во нашата земја, присуствуваа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерката за образование Весна Јаневска.
Во рамки на фестивалот нанајсложената форма на музичко-сценско изразување, операта, публиката ќе може да ги погледне и балетот „Лебедово езеро“, како и оперите „Набуко“, „Мадам Батерфлај“, „Турандот“, а ќе се затвори на 31 мај со „Аида“.
(Н.И.Т.) Фото: Фејсбук на НОБ и Ѕ.Плавевски