Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, одржа работен состанок со претставници на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви – МАКОРА, АД МЕПСО, АД НОМАГАС Скопје и МЕМО, посветен на постапувањето по наодите и препораките од ревизорските извештаи. На состанокот се разговарало за досегашните активности, преземените мерки и обврските што произлегуваат од препораките на Државниот завод за ревизија. Божиновска побарала за секој утврден наод да има јасен одговор – што е направено, што останува да се реализира, кој е одговорен и во кој рок треба да биде завршена активноста.

– Ревизорските извештаи не се документи што треба да се архивираат. Тие се јасен сигнал каде што институциите треба да го подобрат своето работење. За секој наод мора да имаме конкретен одговор – што е преземено, што останува да се направи, кој е одговорен и до кога мора да биде завршено. Нема да дозволиме препораките да останат само на хартија – истакна Божиновска.

Претставниците на институциите и компаниите информирале дека дел од препораките веќе се имплементирани, додека за останатите се преземаат или се планираат конкретни мерки. Како што било договорено, преостанатите активности треба да се реализираат со јасно дефинирани рокови и одговорности.

Министерството најавува и воспоставување систем за систематско следење на реализацијата на ревизорските препораки, со редовно известување за степенот на исполнетост. Целта е да се обезбеди континуирана институционална одговорност и да се следи дали по утврдените недостатоци се постапува навремено и ефикасно.

Работниот состанок е дел од иницијативата на Божиновска за засилување на контролата и отчетот во институциите и компаниите поврзани со енергетскиот сектор. Претходно, по нејзино барање, биле спроведени ревизии за работењето на субјектите, а министерката неодамна остварила и средба со главниот државен ревизор Максим Ацевски, на која биле разгледани наодите и препораките од ревизорските извештаи.

– Нашата цел не е само да ги констатираме слабостите туку да ги отстраниме. Очекувам од сите субјекти максимална одговорност и посветеност во реализацијата на препораките. Ќе следиме, ќе проверуваме и ќе бараме резултати. Само со ваков пристап можеме да изградиме институции кои работат поефикасно, потранспарентно и одговорно со јавните средства и ресурсите со кои управуваат – порача Божиновска и истакна дека ревизијата е проверка на работењето, а реакцијата по ревизијата е мерка на одговорност.

ИЗДВОЕНИ