Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) работи со слабости – доцни дигитализацијата, контролите врз здравствените услуги не се доволно ефикасни, лекувањето во странство не се следи соодветно, а референтните цени за најголем дел од здравствените услуги не се ажурирани повеќе од една деценија. Ова го покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за финансиското работење и усогласеноста на Фондот за 2024 година, во која е дадено мислење со резерва.
Ревизорите оценуваат дека, иако дел од препораките од претходните ревизии се спроведени, и понатаму се потребни сериозни системски подобрувања, особено во функционирањето на информацискиот систем и контролите што Фондот ги спроведува врз извршувањето и фактурирањето на здравствените услуги.
Еден од најголемите проблеми е ликвидноста на Фондот. Според ревизијата, заклучно со февруари 2026 година неплатените придонеси од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување достигнале 8,4 милијарди денари, односно околу 137 милиони евра. Дополнително, Министерството за здравство на крајот на 2024 година должело уште околу 35 милиони евра по основ на придонеси за неосигурени лица. Ревизорите предупредуваат дека ваквата состојба го отежнува навременото сервисирање на обврските кон здравствените установи.
Извештајот покажува и сериозни слабости во информатичкиот систем на Фондот. Недостигаат стратешки документи, нема доволно ИТ-кадар, а доцни и е-рецепт. Според ревизијата, постојните контроли при издавање и фактурирање на рецептите не обезбедуваат доволно ниво на сигурност. Дополнителен проблем е што системот на Фондот не е целосно поврзан со „Мој термин“, а поради недостигот од лекари-контролори не се знае дали наплатените услоги навистина се правеле.
Во текот на 2024 година биле извршени 44 контроли во болничките здравствени установи, при што неправилности биле утврдени кај речиси половина од нив. Ревизорите забележуваат дека контролите најчесто се спроведуваат во јавните болници, додека кај приватните, каде исплатите зависат од бројот на извршените услуги, тие се недоволни.
Забелешки има и за јавните набавки. Кај 17 од 20 ревидирани ИТ-постапки била доставена само една понуда, а ревизијата оценува дека дел од техничките услови ја ограничувале конкуренцијата.
Ревизорите констатирале слабости и во постапките за лекување во странство. Не се почитуваат законските рокови за одлучување, недоволно се следат исходите од лекувањето, а контролите за авансно исплатените средства кон странските здравствени установи се недоволни. Речиси половина од авансите се однесуваат на периодот од 2014 до 2023 година, за кои сè уште нема конечни фактури или поврат на средствата.
Како едно од клучните прашања ревизијата го посочува моделот на финансирање на јавните здравствени установи. Наместо плаќање според реално извршените здравствени услуги, Фондот има законска обврска да обезбеди средства за нивно целосно функционирање, иако голем дел од установите реализираат значително помал обем на услуги од договорениот. Дополнително, ревизорите предупредуваат дека најголем дел од референтните цени за здравствените услуги се утврдени пред повеќе од десет години и не ги одразуваат реалните трошоци. Потребно е и понатамошно ажурирање на Листата на лекови што се на товар на Фондот. (П.А.)












