Битуменска хидроизолација се изведува на подземните гаражи на просторот во Градски Ѕид зад објектот „Краш“, на површина од околу 2.600 квадратни метри, со што ќе се надмине долгогодишниот проблем со протекување.
Од Општина Центар информираат дека паралелно се поплочува и просторот со нови елементи, со што се обезбедуваат уредени и безбедни пешачки патеки за граѓаните.
-Се отстрануваат оштетените плочи, а просторот добива нов урбан лик. Отстрането е старото и дотраено детско игралиште, а на истата локација се поставува ново и проширено катче за детска игра, со современи реквизити и безбедна подлога – информираат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека веднаш до игралиштето ќе биде уредена и современа фитнес зона, опремена со справи за вежбање и рекреација, наменета за сите категории граѓани.
-Проектот опфаќа и хортикултурно уредување, поставување нов систем за полевање и нова урбана опрема, со што просторот ќе добие функција на современ парк во центарот на градот – нагласуваат од Општина Центар.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски наведе дека овој потег се уредува на барање на жителите, за како што вели да биде попријатен, побезбеден и пофункционален за секојдневно користење.












