Македонските аеродроми продолжуваат да бележат историски резултати. За само девет месеци годинава, Скопје и Охрид опслужиле повеќе од 3,3 милиони патници, а бројот на патници е зголемен за дури 29 % во споредба со истиот период лани

Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Свети апостол Павле“ – Охрид продолжуваат да рушат рекорди во патничкиот авиосообраќај. Во периодот јануари-септември 2026 година, двата аеродроми со кои управува ТАВ Македонија опслужиле вкупно 3.331.685 патници, што претставува зголемување од 29 % во споредба со првите девет месеци од 2025 година. Паралелно со растот на бројот на патници, зголемен е и бројот на летови. Во првите девет месеци од годинава биле реализирани вкупно 22.147 лета, односно 10 % повеќе во однос на истиот период минатата година.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, оценува дека резултатите се силна потврда оти продолжува да се движи македонскиот авијациски сектор во позитивна насока, но нагласува дека амбицијата не е само зголемување на бројот на патници.
– Овој пораст се одрази и на ранг-листата на АЦИ-Јуроп, според која Македонија во август беше рангирана како втор најбрзорастечки авијациски пазар во Европа. Би сакал искрено да им се заблагодарам на вработените на аеродромите за нивниот професионализам, напорната работа и за посветеноста, како и на Владата, авиокомпаниите како наши партнери и на сите засегнати страни што придонесуваат за континуираниот пораст на македонскиот авијациски сектор. Очекуваме да продолжи овој позитивен тренд на импресивен двоцифрен пораст на авиосообраќајот, но нашата амбиција оди подалеку од порастот на бројот на патници. Посветени сме на комбинирањето на одржливиот пораст со извонредноста во квалитетот на услугите и со искуството на патниците, со цел македонските аеродроми да продолжат да ги исполнуваат највисоките меѓународни стандарди – истакна Курт.
Скопскиот аеродром во првите девет месеци од 2026 година опслужил 3.065.692 патници, што претставува раст од 29,07 %, додека биле реализирани 20.081 лета или 8,46 % повеќе во однос на истиот период во 2025 година. Истанбул е убедливо најфреквентната дестинација од Скопје, со 13,5 % удел во патничкиот сообраќај, при што се земени предвид двата истанбулски аеродроми – ИГА и „Сабиха Ѓокчен“. Следуваат Базел-Милуз со 4,4 %, Минхен со 4,1 %, Дортмунд со 4 % и Цирих со 3,8 %. На листата на авиокомпании доминира „Визер“, кој во првите девет месеци имал дури 63,8 % удел во патничкиот сообраќај на скопскиот аеродром. Потоа следуваат „Пегасус ерлајнс“ со 9,4 %, „Туркиш ерлајнс“ со 4,6 %, „Аџет ерлајнс“ со 3,5 % и „Аустриан ерлајнс“ со 3,4 %.
Силен раст бележи и охридскиот аеродром. „Свети апостол Павле“ во периодот јануари-септември опслужил 265.993 патници, што е зголемување од 26,76 %, додека бројот на летови пораснал за 27,06 %, достигнувајќи 2.066. Најмногу патници од Охрид патувале кон Братислава, која има 14,4 % удел, потоа следуваат Базел со 12,5 %, Дортмунд со 12,4 %, Меминген со 11,7 % и Цирих со 8,7 %. И на охридскиот аеродром најголем удел има „Визер“ со 70 % од патничкиот сообраќај, следуваат „Чаир ерлајнс“ со 8,7 %, „Туркиш ерлајнс“ со 5 %, ТУИ со 4,6 % и ТУИ УК со 3 %.
Од ТАВ Македонија потенцираат дека растот на сообраќајот годинава е проследен со значително проширување на мрежата на дестинации. Во летниот распоред, кој почна на 29 март и ќе трае до крајот на октомври, од Скопје 15 авиокомпании летаат до 54 редовни дестинации, додека седум авиокомпании опслужуваат 24 чартер-дестинации. Од Охрид, осум авиокомпании летаат до 17 дестинации – 14 редовни и сезонски и три чартер-авиолинии.
Во 2026 година се воведени и десет нови дестинации. Од Скопје се воведени летови кон Неапол, Будимпешта, Палермо, Алгеро, Трабзон и Самсун, додека од Охрид се воведени линии кон Милано, Виена, Вроцлав и Катовице.
Растот на македонскиот авијациски пазар го потврдува и најновиот извештај на АЦИ-Јуроп за август 2026 година. Македонија е рангирана како втор најбрзо растечки авијациски пазар во Европа, со раст на патничкиот сообраќај од 34,8 % во август. Пред Македонија е само Словачка со раст од 61 %, додека меѓу земјите надвор од Европската Унија македонскиот пазар е на самиот врв. По Македонија следуваат Црна Гора со раст од 28,6 % и Албанија со 20,7 %.
Трендот, според најавите од ТАВ Македонија, се очекува да продолжи и во наредниот период.
(С. Бл.)












