Поддршката на американскиот претседател, Доналд Трамп, падна на најниско ниво во неговото претседателствување, а огромното мнозинство Американци е загрижено дека војната на САД со Иран ќе трае долго време, според анкетата на „Ипсос“ за „Ројтерс“, завршена во понеделникот.
Само 33 проценти од испитаниците во четиридневната анкета рекле дека ја одобруваат работата на Трамп во Белата куќа, а 64 проценти не ја одобруваат. Поддршката на Трамп, која падна од 35 проценти во анкетата завршена претходно овој месец и е пониска од кој било момент во неговиот тековен мандат, сега е изедначена со најниското ниво од неговиот претходен мандат, во декември 2017 година.
Откако минатата година се врати во Белата куќа со поддршка од нешто помалку од половина од земјата, популарноста на Трамп претрпи удар оваа година, откако тој нареди напади врз Иран заедно со сојузникот на САД, Израел. Конфликтот што следуваше парализираше една петтина од глобалната трговија со нафта, предизвикувајќи скок на цените на бензинот што ги оптовари американските домаќинства, но и републиканските сојузници на Трамп, кои на среднорочните избори во декември ќе го бранат своето мнозинство во Конгресот.
Трамп, кој во кампањата вети дека ќе ја ограничи инфлацијата и ќе избегне долготрајни војни, првично тврдеше дека конфликтот со Иран ќе трае неколку недели и нагласи дека војната е единствениот начин да се спречи Иран да развие нуклеарно оружје што може да го загрози светот. Но, Иран се покажа отпорен, во голема мера блокирајќи ја трговијата со нафта преку Хормускиот Проток, дури и по смирувањето на конфликтот.
Околу 80 проценти од Американците, вклучувајќи 87 проценти од демократите и 71 процент од републиканците, сметаат дека вмешаноста на САД во Иран „ќе продолжи долго време“, покажа анкетата. Само 16 проценти од испитаниците рекоа дека конфликтот веројатно ќе заврши за неколку недели.
Анкетата, спроведена онлајн, опфати 1.166 возрасни Американци низ целата земја, со маргина на грешка од три процентни поени.












