Кремљ негира, но Бундестагот и германските разузнавачи посочуваат дека сателитот што треба да се нарече „Спутник-С“ е завршен и складиран во поширокото московско подрачје пред неколку години, а по лансирањето во вселената би бил подготвен за употреба за кратко време. Според експертите, последиците од нуклеарна експлозија во вселената би биле исклучително сериозни – би престанале да функционираат сателитите во Земјината орбита, а тоа, меѓу другото, би влијаело на ГПС-навигациските системи, банкарските трансакции, електричните мрежи и мобилните телефонски мрежи
Разузнавачите и политичарите со години предупредуваат дека Русија може да лансира сателит со нуклеарен полнеж во вселената, а како што објавуваат германските медиуми, тоа би можело да се случи до крајот на оваа година. Западните разузнавачки служби и воени структури, меѓу кои и германските вооружени сили, односно Бундесверот и Германската федерална разузнавачка служба (БНД), дошле до таков заклучок според истражувањата на новинарите од германските јавни сервиси ВДР и НДР и весникот „Зидеојче цајтунг“. Според нивните наоди, како што пренесува „Дојче веле“, сателитот што треба да се нарече „Спутник-С“ е завршен и складиран во поширокото московско подрачје пред неколку години.
Во предупредувањата на разузнавачките служби на почетокот на месецов, според новинарските истражувања, е наведено дека овој сателит со нуклеарно оружје би можел да биде лансиран во вселената во следните 60 дена, а таму би бил подготвен за употреба за многу кратко време. Според процената на Космичката команда на германските вооружени сили, „Спутник-С“ би можел да биде лансиран во декември. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли обвинувањата и рече дека „тешко дека треба да се сфатат сериозно“. Руската амбасада во Берлин им изјави на германските медиуми дека ги отфрла „неоснованите обвинувања“ и дека извештаите се дел од „пропагандна кампања“.
Но, уште во октомври, американската воена разузнавачка агенција ДИА објави процена за состојбата на вселената во која беше наведено дека „Русија развива сателит за пренесување на нуклеарно оружје“. Во продолжение се истакнува дека Москва со тоа би го прекршила Договорот за вселената од 1967 година, кој забранува „поставување објекти што носат нуклеарно оружје или други видови оружје за масовно уништување во Земјината орбита“. Поставувањето нуклеарно оружје во вселената претставува огромна закана за војската. Според ДИА, откако таков вооружен сателит ќе се најде во Земјината орбита, речиси и да нема ефикасни контрамерки. Според експертите, последиците од нуклеарна експлозија во вселената би биле исклучително сериозни. Командантот на американската вселенска команда, Стивен Вајтинг, неодамна изјави дека „веројатно веднаш, во првите неколку часа до неколку дена, околу една третина од сите сателити во ниската Земјина орбита би престанале да функционираат. Во текот на следните месеци, преостанатите сателити исто така постепено би престанале да функционираа
Покрај онеспособувањето на цивилните и воените сателити, детонирањето на атомска бомба во вселената веројатно би создало облак од вселенски отпад, што би ги загрозило сателитите што не се директно погодени од експлозијата. Дополнителен предизвик би бил исклучително силниот електромагнетен пулс, кој веројатно би можел да предизвика масовни нарушувања на техничките системи на Земјата. Генерал-мајор Армин Флајшман од германската команда за информациски и киберпростор истакнува дека во случај на детонација, „последиците би биле огромни и за секојдневниот живот – прекини на електричната енергија, сериозни ограничувања на комуникациите и навигацијата“. Сателитите се неопходен дел од секојдневниот живот во современите општества.
Целосното исклучување на нивната работа би влијаело на ГПС-навигациските системи, банкарските трансакции, електричните мрежи и мобилните телефонски мрежи. Истражувањата на ВДР и НДР и на весникот „Зидојче цајтунг“ покажуваат дека оперативната способност на западните вооружени сили е значително повеќе зависна од сателитите отколку од оперативната способност на руската војска. Затоа, детонацијата на нуклеарно оружје во вселената во случај на војна би можела да ѝ донесе на Русија воени предности, барем на краток рок.
За информациите дека Русија планира да лансира сателит со нуклеарен полнеж, вчера се гласи генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. На прес-конференција во Берлин тој рече дека НАТО секогаш ќе обезбеди одбрана на секој сантиметар од својата територија, што вклучува и безбедност во вселената, додавајќи дека алијансата има различни опции за одговор на располагање. Германскиот канцелар Фридрих Мерц, пак, ниту ги потврди ниту ги негираше обвинувањата за руските планови, но рече дека тие „откриваат за каков вид ескалација е јасно подготвена Русија“. Портпаролот на германската влада претходно изјави дека ги сфаќаат обвинувањата „многу сериозно“, но предупреди да не се создава „прекумерна нервоза поради хипотетички опасности“.
САД детонираа атомска бомба во вселената во 1962 година
Уште во 1962 година, како дел од воениот проект „Старфиш прајм“, САД детонираа атомска бомба во вселената, на висина од 400 километри над Тихиот Океан.
Експлозијата предизвика блесок светлина на небото, додека електромагнетниот пулс ги оневозможи уличните светла на Хаваи, како и телекомуникациските системи и другите технички уреди. Покрај тоа, беа уништени неколку сателити, меѓу кои и првиот британски сателит и првиот активен американски комуникациски сателит. Денеска бројот на сателити во вселената е многу поголем, па и штетите би биле несразмерно поголеми.












