Жизел Пелико (73), Французинка која стана глобален симбол во борбата против сексуалното насилство откако нејзиниот сопруг со години ја дрогирал и силувал – притоа овозможувајќи им и на десетици други мажи да ја злоставуваат – повторно се најде во центарот на скандал. Таа изјави дека се чувствува понижена откако француската издавачка куќа „Тинбад“ (Tinbad) беше обвинета за дистрибуирање на нејзини голи фотографии без нејзина согласност, со цел промовирање на една книга.
Според францускиот весник Le Canard Enchaîné, издавачот наводно испратил експлицитни слики и голи фотографии – кои првично биле направени од нејзиниот сопруг, кој е осуден за злосторствата – до медиумите, за да промовира есеј за „принудна контрола“ чиј автор е Сабин Прохорис.
Во изјава за францускиот телевизиски канал BFM, Пелико нагласи дека е длабоко потресена од овој потег.
„Длабоко сум потресена од фактот што слики од најинтимниот дел од мојот приватен живот се изложуваат и користат за комерцијални цели. Одбивам да дозволам мојата приватност да стане алатка за рекламирање. Денес сум понижена, изложена и повторно повредена. Како да не беше доволно тоа што го преживеав за време на судењето“, рече таа.
Според медиумските извештаи, Жизел Пелико има намера да ги тужи издавачката куќа и авторката на книгата.
Есејот носи наслов „Форми на контрола: Ќорсокаците на една успешна приказна“ (Emprises, les impasses d’une success story). На задната корица, читателите се повикуваат „слободно да размислуваат“ за принудната контрола – која е опишана како „камен-темелник на ортодоксијата на движењето #MeToo“.
Во текстот понатаму се сугерира дека таквите ситуации се „по својата природа двосмислени“ и дека во нив се вклучени двете страни на начин што подразбира еднаква одговорност, иако нивните позиции не се симетрични.
Издавачката куќа „Тинбад“ во меѓувреме упати извинување, опишувајќи го инцидентот како „несреќна комуникациска грешка“, пренесува францускиот весник Le Monde. Издавачот тврди дека до медиумите не испратил никакви „снимки од силувања или порнографски видеа“, а исто така негираше и дека дистрибуирал фотографии на кои Жизел Пелико е гола.
Понатаму, потврдија дека нема да има дополнителни печатења на книгата, од која досега се продадени 280 примероци. Авторот на есејот, пак, изјави дека издавачот сноси целосна одговорност за „несоодветната“ промотивна кампања.












